Се засилуваат контролите на директните плаќања во земјоделството

Од:

Повисоки стандарди за квалитет и безбедност на земјоделските производи, додефинирање на условите и принципите за реализација на државната помош, зајакнати контроли при директните плаќања, како и уредување на политиките и мерките за рурален развој од аспект на нивно усогласување со Законот за земјоделски задруги, се основните цели на измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој што денеска беа разгледани и поддржани од матичната собраниска Комисија.

Како што рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски образложувајќи го текстот,  особено е значајно што со измените се предлага воведување категории на земјоделски стопанства за да се обезбедат различни аспекти при креирањето на социјалната политика, односно за усогласување на целните групи за државна помош преку политиките на задолжително социјално осигурување.

– Со донесувањето на законот се овозможува прецизирање на одредбите за спроведување на директните плаќања и дополнително подобрување на системот за нивна реализација согласно можностите на македонската економија, дополнително уредување на условите и принципите за реализација на државна помош во земјоделството и руралниот развој, доуредување на одредбите за запишување на земјоделските стопанства во Единствениот регистар (ЕРЗС) како основ за стекнување право за користење финансиската поддршка и зајакнување на одредбите за услови кои треба да ги исполнат правните лица за запишување во Регистарот на откупувачи, истакна Димовски.

Предлогот, додаде, ги доуредува и мерките за државната помош наменета за воведување и одржување повисоки стандарди за квалитет и безбедност на земјоделски производи во насока на подобрување на системот на контрола на барањата за директна поддршка и предвидува инспекцискиот надзор над физички лица кои вршат продажба на земјоделски производи при откуп без претходно склучен писмен договор.

Согласно измените, помош за воведување повисоки стандарди на квалитет на земјоделски производи се доделува за органско производство и за заштита на земјоделски и прехранбени производи со географски или традиционален назив. Поддршка се обезбедува и за стандарди за безбедност во примарно земјоделско производство.

Со контролата на самото место во текот на годината треба да бидат опфатени најмалку 5 отсто од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања по површина, 10 проценти од стопанствата кои поднеле барање за директни плаќања по грло добиток вклучувајќи најмалку 5 отсто од вкупниот број грла за кои е поднесено барањето, 2 процента од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања по единица земјоделски производ од анимално потекло и 5 отсто од земјоделските стопанства кои поднеле барање за директни плаќања по единица земјоделски производ од растително потекло.

Контролата по единица земјоделски производ во откупни и преработувачки капацитети вклучува проверка на најмалку 30 отсто од сите субјекти кои вршат откуп или преработка на земјоделски производи избрани врз основа на анализа на ризик, додека контролата за директни плаќања по грло добиток предадено во кланица се врши на примерок од најмалку 30 отсто од сите кланици при што се контролира примерок од 5 отсто од вкупниот број заклани животни во секоја кланица во период од 12 месеци пред контролата.

Доколку се откријат нерегуларности кај одредена мерка на директни плаќања, регион или дел од регион, бројот на контроли во тековната година, како и процентот на земјоделски стопанства во следната, се зголемува.

Според предлог измените, откуп на земјоделски производи можат да вршат само правни лица регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење трговија со земјоделски производи и запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи што се води при Министерството. Притоа, откупувачот е должен најдоцна до 31 март тековната година до Министерството да достави податоци за планиранииот откуп на земјоделски производи до 31 март наредната година, како и податоци за реализиран откуп во претходната година.

Земјоделските стопанства кои  најмалку 50 отсто од вкупниот годишен нето приход го остваруваат од вршење земјоделска дејност се делат во четири категории, прва (семејни земјоделски стопанства со остварен годишен нето приход од вршење земјоделска дејност до износот на годишниот нето износ на минималната плата за претходната година), втора (семејни земјоделски стопанства со остварен годишен нето  приход од вршење на земјоделска дејност од износот на годишниот нето износ на минималната плата за претходната година до годишниот износ на минимална основица за пресметка и плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување), трета (семејни и земјоделски стопанства со остварен годишен нето приход од вршење земјоделска дејност од годишниот износ на минимална основица за пресметка и плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување до остварен годишен нето приход од вршење земјоделска дејност до 2.000.000 денари) и четврта (земјоделски стопанства со остварен годишен нето приход од вршење на земјоделска дејност над 2.000.000 денари).

По Предлог законот кој е во процедура за донесување по скратена постапка, не се поднесени амандмани.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

Орце Костов

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници

Николовски: 2024-та ќе биде година на нови предизвици, продолжуваме со силна реформска земјоделска политика

Николовски од Делчево: Ги повикувам сите земјоделци навремно да аплицираат, остварувајќи го правото на дополнителите директни плаќања за полјоделски култури, градинарски култури, овошни и лозови насади

Николовски: Ја носиме Европа дома, за просперитет на секој земјоделец, за пласман на домашните производи на европскиот пазар