Собранието ги усвои измените на Законот за организација на органите на државната управа, со кои се предвидува формирање на нови министерства. Меѓу нив се Министерство за дигитална трансформација, за култура и туризам, Министерство за спорт, за економија и труд, Министерство за европски прашања, како и Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Предлагач на измените е мандаторот Христијан Мицкоски, кој во образложението истакна дека станува збор за „области кои во моментот се стратешки приоритети на државата, претставуваат клучни предизвици или се во фокусот на светската јавност, но не се соодветно пресликани во институционалната рамка на државата, туку се организациски единици во рамки на одредени министерства“. Една од организациските единици за кои се пишува е токму Секторот за рударство, кој досега беше во надлежност на Министерството за економија. Но, со реорганизацијата се очекува на ова прашање да се постави поголем фокус во иднина.
-Реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, се вели во предлог-измените на Законот.
Во образложението се додава дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, меѓу останатото, ќе биде надлежно за рударството, стратегијата и политиката за развој на рударството; експлоатацијата на минерални суровини и геолошки ресурси; геолошките истражувања и истражувања поврзани со експлоатација на минерални суровини, како и изработката на програма за истражувачки работи од областа на основните геолошки истражувања поврзани со одржливото користење на ресурсите.
Според надлежностите, новоформираното Министерство ќе одговора за спроведување на „Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини на Република Северна Македонија 2025 – 2045“, која се очекува годинава да биде усвоена. На неа засилено работи Македонската академија на науки и уметности, во соработка со сите засегнати страни. Од Македонската Асоцијација на рударство претходно неколкупати истакнаа дека ваквата стратегија е повеќе од неопходна.
-Ќе продолжиме да соработуваме со владините институции и стратешките партнери за успешната имплементација на стратегијата, обезбедувајќи рамни услови за развој и иновации во рударскиот сектор. Веруваме дека оваа стратегија ќе биде основа за постигнување на високите стандарди и раст на рударскиот сектор во Република Северна Македонија. Нашиот заемен ангажман и соработка со сите заинтересирани страни ќе бидат клучни за успешната реализација на замислата за стратегијата за периодот пред нас, соопштија претходно од МАР.
Неофицијално, во нацрт-верзијата на Стратегијата се наведува дека Македонија има ресурси во форма на руда и минерали и треба да има и отвореност во однос на нејзините геолошки ресурси, истражувањата да бидат на високо ниво и да има добро образована работна сила. Во текстот се додава дека проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни, што претставува добредојден развој.
-Македонија во моментот не е силно развиена рударска земја и нејзината визија за развој треба да се однесува на тоа да го зајакне овој сектор од стопанството и да искористи што поголем дел од своите природни ресурси, односно природни минерални богатства. Со одржливо користење на сите природни минерални богатства, а во хармонија со еколошките, културните и природните вредности, можеме да создадеме работни места низ цела Македонија, се наведува во предлог-текстот на Стратегијата за минерални суровини.
Формирањето на ваквото Министерството доаѓа во период кога Европската Комисија ги вклучи литиумот, бакарот и други метали на листата на критични суровини и одлучи да го стимулира нивното производство на континентот. Унијата се стреми да биде климатски неутрална и да има економија и индустрија со нула емисии на штетни гасови до 2050 година, а за тоа да го оствари ќе и бидат неопходни најразличен вид на минерални суровини.
Поради зголемената побарувачка за бакар ширум Европа и светот, цената на овој метал руши рекорди. Бакарот почна да се продава за 10.000 долари за тон, достигнувајќи ново двегодишно највисоко ниво. Прогнозите покажуваат дека цената ќе продолжи да расте. Франција, Германија и Италија повикаа приватните инвеститори да се прилагодат кон развојот на производството на т.н. критични минерални суровини, зашто трите земји веќе подготвуваат инвестициски фондови од 2,5 милијарди евра за оваа намена. Како што пишува Еуроњуз, трите земји на ЕУ заеднички ќе ги финансираат домашните рударски процеси за да обезбедат доволно метали за енергетската транзиција што ја спроведува Унијата.
Засега не е познато дали и како Стратегијата и новото Министерство ќе влијаат на развојот и евентуалното отворање на нови рудници во земјава. Додека регионот и Европа се подготвуваат за остварување на зелената агенда и поттикнуват ископ на литиум и бакар, во Македонија нов рудник се нема отворено изминатите 40 години, а со низа пречки се соочуваат сите најави за инвестиции во рударството. Компаниите кои сакаат да инвестираат посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста. Изминативе години нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“, а потоа и рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе има пресуда во своја корист пред меѓународна арбитража. Сега се очекува да се дознае дали ќе се реализира инвестицијата за рудник за бакар во Иловица на канадската компанија Трафигура. И овој инвеститор се соочи со низа предизвици и оттаму најавија можност за покренување меѓународна арбитража, доколку властите во земјава не ги спроведуваат законите и судските пресуди. Според информациите, меѓународната арбитража во овој случај, би можела да ја чини државата најмалку една милијарда евра.