Се интензивираат градежните работи во индустриската зона „Неготино 1“. Во моментот се работи на две поголеми парцели на кои треба да се изградат стопанско-индустриски капацитети.
– Тоа ќе биде добра прилика за вработување на луѓе не само од Неготино, туку и од поширокиот регион. Во план е да се изградат вкупно 17 капацитети. Таму инфраструктурата веќе се уредува, изјави градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.
Оваа индустриска зона се протега на површина од 25 хектари и има 17 парцели.
Апостолов нагласува дека наскоро планираат да ги продадат и парцелите од индустриските зони „Неготино 2“ од 33 хектари и „Дуброво-Тремник“ од 70 хектари.
– Има многу заинтересирани инвеститори, домашни и странски бидејќи парцелите се во близина на автопат, регионален пат и железничка пруга. Станува збор за едни од најатрактивните индустриски зони во Република Македонија, рече Апостолов.
Според него, бенефитот од зоните е развој на економијата и намалување на невработеноста.