СБ: Македонското земјоделство да се приспособи на климатските промени

Од:

Очекуваните идни промени на температурите и врнежите во Македонија ќе ја зголемат ранливоста на земјоделскиот сектор на земјата и на популацијата во руралните средини доколку не се преземат соодветни акции, се предупредува во новата студија на Светска банка за влијанието на климатските промени во земјоделството во регионот на Европа и Централна Азија.

Студијата насловена „Гледајќи зад хоризонтот: Како климатските промени и соодветниот одговор на нив ќе влијаат на реобликување на земјоделството во Источна Европа и Централна Азија“, нуди нов поглед како и опции за прилагодување за земјоделскиот сектор во Македонија, Албанија, Молдавија и Узбекистан.

Според студијата, температурите во Македонија во следните 40 години се очекува да се зголемат за 1,8 Целзиусови степени, што е далеку повеќе од зголемувањето на температурите од близу 0,5 степени утврдено во изминатите 50 години. Ваквото зголемување на температурите заедно со промената на врнежите во земјата се очекува сериозно да влијае врз земјоделското производство, бидејќи според проекциите температурите во лето ќе се зголемат за 4 до 5 степени, а ќе се намали достапноста до водата за време на клучниот период за земјоделските култури, од мај до септември.

Врз основа на проекциите, студијата нуди проценки на влијанието од климатските промени врз земјоделското производство во три агроеколошки зони во Македонија. Според сценаријата формулирани врз моделот на влијание на климата со среден интензитет, промените во однос на приносите во земјата ќе варираат од зона во зона. Така продукцијата на овошки како што се јаболката и грозјето би можело да опадне за 45 односно за 32 проценти. Од друга страна, кај приносите од пченица добиена на површини кои се наводнуваат, како и на оние кои не се под систем на наводнување се очекува да се зголемат во сите агроеколошки зони, со можност во некои области тие да се удвојат.

Ова најново издание на Светска банка ги зема предвид негативните влијанија од овие сценарија, како и можноста за искористување на потенцијалните можности создадени од климатските промени и нуди опции за прилагодување со специфични насоки за тоа како Македонија да ја намали изложеноста на својот земјоделски сектор на промените.

– Земјоделците веќе се соочуваат со влијанието од климатските промени и нивниот живот зависи од нивната способност да одговорат на нив со помош од владата и од приватниот сектор, вели Вилијам Сатон, автор на студијата и водечки економист на Светска банка.

Клучните препораки на национално ниво вклучуваат подобрување на системот на едукација на земјоделците, особено за растечката суша и избор на сорти отпорни на штетници, подобрување на достапноста на хидрометеоролошките информации и обезбедување иницијативи за консолидирање на земјоделските домаќинства. На ниво на агроеколошки зони, пак, се препорачува подобрување на изборот на сорти на житарици и видови на добиток, зголемување на достапноста на водите и обновување на системите за наводнување и одводнување, како и промовирање мерки на контрола на ерозијата на почвата.

Сознанијата од студијата веќе се вклучени во најновата Стратегија за партнерство на Република Македонија со Светска банка и се интегрирани во Стратегијата за зелен развој која е во фаза на подготовка.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници