Управата за јавни приходи очекува до крајот на јануари сите продажни места да бидат покриени со ГПРС фискални уреди. Оние со промет над 10 милиони денари, бензиските пумпи и угостителите објекти вакви уреди треба да имаат најдоцна до 31-ви овој месец, а сите други до 31 јануари 2015 година.
Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски верува дека сите големи даночни обврзници ќе ја исполнат обврската до крајот на месецот.
– Стапено е во контакт со сите. Нашите информации од терен говорат дека сите компании се веќе во фаза на преговори со овластените продавачи на каси и поголеми системи и веќе од следната недела, односно од 1 ноември продолжуваме со останатата категорија даночни обврзници, изјави Трајковски одговорајќи на новинарски прашања на денешната презентација на завршната студија за нов ИТ систем во УЈП.
Посочува дека постои висок степен на оптимизам дека заклучно со крајот на јануари во Македонија сите продажни места ќе бидат покриени со ГПРС уреди.
Доколку не се набават новите уреди предвидени се санкции, како за непоседување на фискална каса.
Проценките се дека до крајот на месецов, 8.900 даночни обврзници треба да се фикализираат со нови уреди.