Стана непишано правило пред секои избори, без разлика кој е власт, а кој опозиција, да се предлага нов закон за игри на среќа. Политичарите се убедени дека обезбедуваат повеќе гласови ако предлагаат што е можно порадикални решенија за иднината на овој економски сектор. Притоа, воопшто не водат сметка за последиците кои ќе ги предизвикаат.
Албанските политички фактори отворено заговараат затворање на сите објекти на игри на среќа. И тоа во две фази, прво намалување на постојните објекти за половина, па потоа целосно нивно затворање. Затоа, многумина од нас со право почнуваат да се прашуваат дали Македонците во сопствената земја немаат право на сигурна егзистенција? Дали ќе се предлагаа вакви законски измени ако се однесуваа на работодавец во кој доминантно се вработени припадници на друга помала етничка заедница? Дали во овој приватен сектор може треба да се воведе „балансер“ за да може да опстои?
Ние не сме ниту деликвенти, ниту криминалци, како што сака некој да наметне впечаток во јавноста. Меѓу нас има многу родители и тоа на малолетни деца, ученици и тинејџери во развој. Не прифаќаме дека ние сме главниот извор на закана кон младината. Работиме во компании со капитал од западниот демократски свет, поминуваме строги обуки и стекнуваме највисоки професионални вештини. Работиме исклучиво законски.
Неизвесноста, правната несигурност и постепеното затворање на легалните објекти за игри на среќа ќе создаде услови за иселување надвор од Македонија, каде илјадници вработени од овој сектор заедно со своите семејства ќе си ја бараат егзистенцијата во земји членки на ЕУ, каде ќе бидат пречекани со отворени раце, да работат во нивните објекти за игри на среќа.
А политичарите нека ги погледнат примерите со Албанија. Во октомври 2022, албанската Влада соопшти дека после четири годишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе и помогне на албанската економија.
Конечното затворање на легалните игри на среќа ќе предизвика отпуштање на 10 илјади вработени, што статистички значи дека тоа се најмалку 35 илјади нови кандидати за иселување од Македонија. Државата ќе изгуби најмалку 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа. Ќе се затвори целосно законска економска гранка што ќе предизвика отворање играње на црно во подрумски простории, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци.
Ние нема да бидеме неми набљудувачи на политичките игри со нашите судбини. Ќе се бориме со сите демократски средства за нашето уставно загарантирано право на работен однос, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
ПР Текст