Рударството очекува успешна година

Од:

Рударскиот сектор успешно ја заврши 2016 година и покрај сите предизвици, а слични се предвидувањата и за претстојната, 2017-та. Ќе работат сите производни капацитети, Злетово, Саса, Тораница и Бучим.

Како што оцени денеска Македонската асоцијација на рударството (МАР), ФЕНИ полека може да се избрише од рудните потенцијали, а Иловица годинава нема да профункционира. Цените на металите, пак, на светските берзи, и во следните 12 месеци не се очекува да имаат поголем пораст, ниту значајно да се намалат.

МАР останува на барањата: да се изготви стратегија за рударството до 2025 година и да се воведе ред во давањето концесии за каменоломите.

– Изминатава 2016 година беше прилично тешка, со многу ниски цени на металите, најниски во последната деценија, Злетово и Тораница не работеа. Но, и во вака тешки услови, рударскиот сектор ја заврши успешно. Очекуваме и 2017-та да биде исто така успешна, уште повеќе ако имаме доволно разбирање и соработка со надлежните институции, особено со министерствата за економија и за животна средина, истакна претседателот на Асоцијацијата Николајчо Николов на прес-конференција во Стопанската комора.

Според него, за Иловица треба да се постигне национален консензус зашто се работи за многу голем, сериозен капацитет, лоциран над Струмичкото поле, а Фени е рудник со енормно ниска содржина на никел која во денешни услови е неисплатлива. – Ова дополнително ги потврдува нашите заложби за неопходноста од изготвување стратегија по која треба да се владеат и домашните и странските инвеститори, потенцира Николов.

Македонија во однос на рударството, додаде, мора да дефинира што е исплатливо, што може да се копа, а што треба да остави за идните генерации. – Мора да водиме многу поодговорна политика. На пример, јаглен и лигнит има резерви до 2030 – 2035 година и затоа треба да се размислува колку од количините е добро да се експлоатираат, колку да се остават за следните генерации, односно колку да се користат алтернативните извори на енергија, посочи Николов.

Мора да престане, рече, и стихијното отворање каменоломи зашто тоа негативно влијае не само врз економијата, туку и врз екологијата. – И покрај честите укажувања на МАР, се отвораат каменоломи блиску еден до друг поради што се добива впечаток дека движиме хаотично, без конкретни планови и потреби, подвлече претседателот на Асоцијацијата.

МАР предупредува и на дивото ископување на песокот по реките и локациите каде што се градат станови и други видови објекти.

Индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во периодот јануари – ноември 2016 бележи пад од 16,8 отсто во однос на истиот период во 2015-та, а кај неметалите зголемување од 18,2 процента. Зголемување на производството генерално, во двата сегмента, се очекува пред се поради рестартирањето на старите и отворањето нови рудници, како и поради задржувањето на цените на металите на светската берза.

Во рударството кај нас се вработени околу 13.000 лица, а просечната нето плата (во Бучим) е 450 евра.

Би можело да ве интересира

Државата исправена пред економска логика – ќе го поддржат ли извозот на рударството за зголемен економски раст?

Орце Костов

ССЕРИ: Бесправно ни се стопирани паричните текови од страна на АД ЕСМ

Ана Ололовска

Бектеши контра Асоцијацијата за рударство, најважно е здравјето и безбедноста на граѓаните

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Шахпаска: Рударите добиваат бенифициран стаж

Ана Ололовска

Усвоени законските измени, рударите ќе се пензионираат со навршен пензиски стаж

Ана Ололовска

„Бучим“ доби дзовола за експлоатација на новото рудно тело „Боров дол“

Ана Ололовска