Рокот за консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР (ener.gov.mk) се зголемува од 10 на 20 дена, одлучи Владата на последната седница. Одлуката придонесува најголем дел од предлог-законите пред да одат во владина постапка задолжително да се објавуваат на регистарот.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека во период од 20 дена јавните корисници ќе имаат шанса да ги испраќаат своите коментари и на тој начин да се вклучат во креирањето на новите предлог-закони со цел и да го подобрат нивниот квалитет.
– Со оваа одлука на Владата се придонесува и за поголема транспарентност, отвореност, навременост и одговорност при подготовката на предлог-законите. Зголемувањето на рокот за консултации има за цел да поттикне поголема вклученост на граѓаните и на пошироката јавност во подготовката на прописите за коишто тие самите се заинтересирани. На тој начин, креаторите на политиките ќе носат одлуки засновани на аргументи и во консултација со граѓаните, рече Манчевски на прес-конференција.
Додаде дека согласно со програмата на Владата, со целосна примена на ЕНЕР, ќе се овозможи системски и отворен дијалог и со бизнис-заедницата затоа што, рече Манчевски, консултациите придонесуваат за градење меѓусебна доверба, развивање на квалитетот на демократијата, но и подобрување на процесот на креирање на јавните политики.
Појасни дека сите закони кои ќе одат во редовна постапка, задолжително ќе одат на ЕНЕР и дека ќе се залагаат воопшто да нема или, како што рече, само во екстремни случаи да одат предлог-закони во скратена постапка, кога ќе нема друг избор.
– Досегашната пракса беше поинаква. Собранието и претходната Влада најчесто ги носеа законите по скратена постапка. Само во периодот од 2011 до 2016 година над 50 проценти од законите се носени во скратена постапка. Екстремен случај е 2015 година, кога над 70 проценти од сите закони се носени во скратена постапка. Оваа пракса на Собранието и Владата не им давале шанса на граѓаните да коментираат, да даваат свои сугестии и препораки на објавените предлог-законски решенија преку ЕНЕР. Граѓаните не беа вклучени во подготовката на најголем дел на предлог-законите. Тоа време заврши. Консултациите, одговорноста, отвореноста и отчетноста пред граѓаните се врвен политички приоритет на оваа Влада, рече министерот за информатичко општество и администрација.
На новинарско прашање за двосменско работење на институции од администрацијата, Манчевски одговори дека се во постојана консултации со нив и дека засега објавениот список не е проширен со дополнителни институции.
– Доколку се јават, ќе го надополниме и, како што е најавено, примената почнува од 1 септември. Сите проценки кои ги имавме досега и во состаноците со претставниците од овие институции укажуваат на тоа дека нема потреба од нови вработувања, рече Манчевски.