Околу 18 проценти од своите бруто домашни производи губат земјите од Западен Балкан поради невклучувањето на сите жени на пазарот на труд. Средствата потрошени од буџетите на земјите не овозможуваат родова еднаквост, а со тоа и не создаваат еднакви можности за сите. Затоа е потребно имлементирање на родово одговорно буџетирање како инструмент за контрола на тоа како се трошат државите ресурси.
Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната Регионална конференција за родово одговорно буџетирање: Буџетирај еднакво – буџетирај за жените и мажите, чиј домажин е Македонија.
– Родово одговорното буџетирање е начин на кој следиме како парите од буџетот се трошат за една или друга група. Тоа дава добра слика во кој правец се движи државата и во што таа инвестира. Конечно регионот го дискутира родовото прашање како потенцијал, а не како проблем, и тоа ме радува затоа што економските индикатори не може да се унапредат ако не ги вклучиме сите граѓани од општеството, а половина од тоа се жени, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези истакна дека Западниот Балкан губи околу 18 од својот БДП поради невклучување на жените на пазарот на трудот. Тоа, рече Елези, е неискористен човечки капитал и потенцијал кој може да се искористи за подобрување на економскиот раст на земјите.
– Затоа Министерството за финансии родовото одговорно буџетирање го стави во основните документи, како во новата фискална стратегија 2019-2021 со иницијативи за унапредување на родовите показатели и индикатори. Тоа значи дека буџетските корисници ќе треба да внимаваат парите да бидат родово еднакво потрошени, рече таа.
Микеле Рибота, в.д. заменик регионален директор, за Европа и Централна Азија во UN Women рече дека родово еднаквото буџетирање треба да се сфати како алатка за спречување на маргинализирање и нееднаквост на родова основа.
Денешната конференција, истакна тој, е можност земјите да споделат искуства, научени лекции и предизвици со кои се соочуваат, и за изнајдат решенија кои ќе овозможат политиките што се развиваат и имплементираат ресурсите од државата да се трошат така што овозможуваат родова еднаковост.
Луиза Витон истакна дека е многу лесно да се зборува за еднаквост, но, по оти приоритетите на општеството се гледаат по тоа каде се трошат парите.
Затоа, потенцира Винтон, парите треба да ги следат зборовите. Како пример, ги посочи локалните самоуправи кои иако се залагаат за родова еднаквост не трошат средства за тоа практично да го покажат. Финансираат, на пример, клубови за момчиња и за мажи, а помалку или воопшто за жени или девојчиња. Затоа залагањето за еднаквост треба да го покажат со финансиска средства.