Рим и Виена ја предупредуваат Меркел

Од:

Италијанскиот премиер тврди дека економската криза во ЕУ не е само последица од пазарната состојба, туку и од состојбата на колективната психа

Економистите на ЕУ во текот на минатиот викенд и во почетокот на оваа недела се соочија со добри и лоши вести. Добрите вести стигнуваат од Рим и Мадрид, а лошите од Франкфурт.

Каматите на државните обврзници на Италија, со 10 годишен рок на отплата, за прв пат од април оваа година паднаа на ниво под 6 отсто. Од друга стрна, Мадрид од вчера плаќа 6,6 отсто камата на кредитите и обврзниците, што претставува напредок, со оглед на тоа дека цената на задолжувањето на Шпанија во текот на кризата достигнуваше ниво од безмалку 9 отсто.

На растот на кредибилитетот на економиите кои се зафатени од кризата, сепак негативно влијаеше одлуката на холандско-британскиот нафтен концерн „Шел“, да го повлече обртниот капитал од кризните пазари – вкупно 15 милијарди евра.

– Европа е на милост и немилост на инвеститорите и берзанските шпекуланти, а секоја економско-политичка одлука поттикнува осцилации на финансискиот пазар, оцени германското издание на весникот „Фајненшел тајмс“.

Шефот на италијанската технократска влада Марио Монти беше подиректен при оценката на состојбата: Европа, како економско-политичка заедница, покажува знаци на раздор кои не се само последица на пазарната состојба, туку и од состојбата на колективната психа.

Премиерот Монти, во воведот за пазарната саморегулација изјави дека иднината на Европа зависи од диригираните потези на владите на ЕУ во правец на смирување на кризата.

– Во овој кризен период владите мораат да бидат ополномоштени да донесат витални одлуки независно од подготвеноста на националните парламенти да ги поддржат, рече Монти во неделното интервју за германскиот весник „Шпигл“.

Тој им препорача на актерите на најсилната економија (Германија) во континенталната зедница да се концентрираат на донесување на одлуки кои би овозможиле опстанок на заедништвото на ЕУ.

– Во спротивно, распадот на ЕУ ќе стане поизвесен од било кој напредок во правец на далекусежни интеграции, предупреди Монти.

Австрискиот канцелар Вернер Фајман го поддржа Монти минатиот викенд во интервјуто за виенскиот весник „Курир“.

– Опстанокот на еврозоната, во поширока смисла и иднината на Европската унија, ќе зависи од договор пред се на богатите членки, за солидарно преземање на долговите на ослабените економии, оцени шефот на австриската влада.

Додавајќи дека одлука за иднината на Европа ќе падне во следните 12 месеци кога главнината на актуелните кредити доаѓа за наплата во Италија, Шпанија и Грција, шефот на владата во Виена рече дека огнената моќ на Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ) мора под итно да се прилагоди на потребите. – Одлука треба да се донесе сега, а не откако госпоѓата Меркел ќе сфати дека нема друг излез.

Опишувајќи ја тактиката на германската канцеларка како двоумење и неодлучност, австрискиот канцелар рече: Убеден сум дека Меркел ќе попушти и овој пат, според нејзината стара навика…

– Секогаш кога требаше да се донесе витална одлука, Меркел прво истакнуваше дека на такво нешто не може ни да помисли, а на крај го менуваше ставот со стандардниот изговор – Европа и еврото се многу важни и не можам поинаку да одлучам, рече Фајман.

Италијанскиот весник „Џорнале“ ја опиша тактиката на Берлин како план за создавање на Четврти Рајх, а канцеларката Меркел ја посочи како главен виновник за настанатата состојба во која финансиските шпекуланти остваруваат профити на сметка на тие кои живеат од својот труд.

Толкувањето на италијанскиот весник, колку и да е популистички мотивирано, сепак наиде на потврда на исправност во весникот „Фајненшел тајмс – Дојчланд“. Во франкфуртското издание на овој водечки финансиски светски весник, се предупредува на најновите аквизиции на шпекулантите за недвижнини во Шпанија: Милијарди полиени во бетон на современи повеќекатници ги менуваат сопствениците по цена која е сто пати пониска од реалната… Кога ќе чукне часот, ќе соберат огромен капитал на проекти поради кои шпанските банки се во криза, а цената на нивниот банкрот на крај ќе ја платат шпанските даночни обврзници.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он