Рибароски: Агенцијата за катастар води хајка против приватните геодетски компании во спрега со судовите

Од:

Комората на трговски друштва за геодетски работи ја обвинува Агенцијата за катастар на недвижности за водење хајка против приватните геодетски компании во спрега со судовите. Оттаму велат дека не може да проценат дали тоа се должи на личната нетрпеливост од страна на директорот на Агенцијата против претседателот на Управниот одбор на Комората.

-И ние сме во недоумица дали има нешто лично против претседателот на Управниот одбор на Комората иако има неколку работи кои тоа го навестуваат, но со хајката која се води против приватните геодетски компании не можеме да дадеме дециден одговор на тоа прашање. Едноставно се тргна во хајка против целиот приватен сектор во оваа дејност. Продолжува репресијата, притисоците и анархијата од страна на Агенцијата за катастар на недвижности со директен упад во работењето на Комората од страна на Агенцијата. Со ваквиот начин на работа се повредува едно од основите начела на јавното работење каква што е работата на Комората, а тоа е начелото на пропорционалност со што се загрозува и нормалното работење и функционирањето на нашата Комора. Сето тоа зема огромен замав за што искажуваме голема загриженост, изјави претседателот на Управниот одбор на Комората на трговски друштва за геодетски работи, Никола Рибароски, по денешниот брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека ако Комората застана на патот за заштита на своите членки, што е една од основните начела на коморското здружување, сега како што кажа, тоа и засмета на Агенцијата.

-Агенцијата со крајно сомнителни одлуки и противуставни промени на подзаконски акти ја тргна Комората настрана и влезе во директно пресметување со приватните геодетски компании. За сето ова што го прави Агенцијата добива и помош од судската власт. Ако до пред две години правдата беше задоволена со одредени судски одлуки сега Комората почна да добива и скандалозни пресуди од страна на Управниот суд. Тоа го прави и Уставниот суд врз основа на покрената иницијатива за укинување на член од Законот за кој сметаме дека е противуставен за што се уште ја немаме добиено одлуката, рече Рибароски.

Зад одлуките, додаде, стои потесното раководство на Агенцијата за катастар кое ги диригира сите промени на подзаконските акти.

-Не мора да сте правник за да сфатите дека она што е направено со измена на Правилникот од страна на Агенцијата е крајно противуставно. Во Законот јасно и децидно стои – сите трошоци кои се наплаќаат од страна на заинтересираните лица кои добиваат лиценца за работа ги наплаќа Комората која ја одредува и висината на надоместокот. Со подзаконски акт сега сето тоа Агенцијата си го присвои за себе, односно сите трошоци ги наплаќа Агенцијата за катастар и згора на се почнаа да издаваат и нови лиценци. Од она што го имаме како сознание досега се издадени две од новите лиценци, а ние немаме никаков акт со кој согласно закон и подзаконски акти треба да наплаќаме годишна членарина од тие членки со нови лиценци и треба да ги поканиме на Годишно собрание, истакна Рибароски.

Во Законот, потенцира, стои дека секоја фирма која добива лиценца за работа станува членка на Комората.

-Досега се издадени две лиценци, а немаме ништо официјално добиено од Агенцијата за катастар било какво известување или акт за да знаеме дека тие правни субјекти се веќе членови на нашата Комора, рече Рибароски.

Посочи дека Агенцијата како маска за да ги зголеми сопствените цени на услугите што ги дава го искористи зголемувањето на цените на услугите кои ги даваат приватните геодетски компании, што, како што рече, беа оправдано зголемени после 10 години работење со ист тарифник заради немањето никаква економска исплатливост за компаниите.

-Состојбата на приватните геодетски друштва во државата е алармантна, бидејќи според нашата интерна анализа дури 50 отсто од нив се на работ на егзистенцијата, особено геодетските компании кои се надвор од Скопје. Сето тоа е поради лошите политики кои се водат во овој сектор и оваа дејност кои се спроведуваат преку законски и подзаконски акти кои исклучиво како право за донесување си ги има пропишано Агенцијата за катастар на недвижности, посочи Рибароски.

Во Комората на трговски друштва за геодетски работи членуваат околу 140 геодетски друштва. Проблемите со Агенцијата за катастар на недвижности, како што велат, им почнале во 2021 година. На Комората од страна на судот во моментов повторно и се одземени јавните овластувања, шест месеци по добивањето на правосилната судска пресуда против Агенцијата за катастар во април 2023 година со која и беа вратени претходно веќе еднаш одземените јавните овластувања.

Би можело да ве интересира

Од денеска поевтини катастарски услуги

Катастарските услуги поевтинуваат до шест пати

Катерина Ѓуровски

Во првиот квартал 1.953 хипотеки на недвижности со вредност од 326.659.594 евра и 3.315.341.507 денари

Горан Наумовски

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

A1on

Комора на геодетски друштва: Новиот тарифник е пресметка на директорот со приватните компании

A1on

Поскапе имотниот лист: Катастар ги зголеми цените поради поскапата струја и повисоките плати

A1on