Регионот започна да ги исполнува целите од Зелената агенда на ЕУ

Од:

Земјите од регионот започнаа да се усогласуваат со Законот за критични минерални суровини на Европската Унија, со цел остварување на целите од Зелената агенда за континентот до 2050 година. На Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во декември, во заедничката Декларација, Брисел ги потсети лидерите од регионот да ја исполнат својата обврска за потполно спроведување на Зелената агенда, вклучително и своите климатски обврски согласно Парискиот Договор, Енергетската заедница и Декларацијата од Софија за Зелена агенда за Западниот Балкан, како клучен двигател за премин кон модерни, климатски неутрални економии, отпорни на климатските промени и ефикасни во однос на ресурсите.

Тоокму ресурсите се во фокусот на Законот за критични минерални суровини и ЕУ ги олесни процедурите во рударството и бара да се истражуваат геолошките ресурси. На листата на критични суровини се најдоа 16 минерални суровини, а во фокусот се литиум, бакар, магнезиум и титаниум, без кои нема да може да се изградат ветерни паркови или пак да се произведат електрични автомобили.

Една од првите земји од Западен Балкан, која започна конкретни чекори во оваа насока е Србија, која го рестартира проектот Јадар за ископување на литиум – инвестиција на светскиот рударски гигант Рио Тинто. Претседателот на државата Александар Вучиќ, во обраќање до јавноста, кажа дека во наредниот период мора да се отвори дијалог за литиумот и на парламентарно и на експертско ниво, како и дека литиумот припаѓа на критичните минерални суровини, како што е песокот, солта, нафтата и маслото и дека во иднина ќе се водат војни за литиумот. Тој се осврна и на економските придобивки.

– Србија има можност да произведува 58.000 тони литиум карбонат годишно и суштинската битка е дали може да обезбеди да се произведуваат батерии во Србија, како и да дојдат нови производители на електрични автомобили. Без производството на батерии кај нас, немаше да влеземе во проектот со литиум, а тогаш ќе имавме три милијарди евра на годишно ниво нова вредност, а веќе почнавме дополнително да разговараме и за електричните автомобили, што би значело уште 20 милијарди евра, изјави Вучиќ.

Претходно и претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ кажа дека би било „ненормално“ доколку Србија се откаже од ископувањето на литиум и дека земјата има строги и високи стандарди за заштита на животната средина.

-Ископувањето на литиум е добро за Србија и дека ќе биде надгледувано не само од домашните институции, туку и од институциите на Европската унија, невладините организации и граѓанското општество, истакна Брнабиќ.

Инаку, од неодамна и во Босна и Херцеговина започнува со работа рудникот Вареш на фирмата Адриатик Металс (Adriatic Metals) и се очекува во растот на БДП на државата да учествува со 2%. Голема инвестиција во рударството наскоро ќе отпочне со работа и во Грција. Канадската компанија Елдорадо Голд Корпорејшн отпочна со изградба на рудникот Скурис и со над три милијарди американски долари, целосниот развој на рудниците Касандра, кои ги вклучуваат Скурис, рудникот Олимпија, пристанишниот објект Стратони и фабриката за управување со јаловина Кокинолакас, претставува една од најголемите странски директни инвестиции во земјата и ќе и овозможи на Грција да стане една од водечките земји за производство на злато и бакар во Европа. Со новиот Закон, ЕУ ги постави главните насоки кои треба да се постигнат до 2030 година се експлоатација на најмалку 10% од конкретната суровина во однос на годишната потрошувачка на ниво на ЕУ, потоа обработка на најмалку 40% од годишната потрошувачка на ЕУ и рециклирање на најмалку 15% од годишната потрошувачка на ЕУ. За ова да се оствари законот ги намалува административните бариери за инвеститорите во рударството.

-Се поедноставуваат процедурите за издавање дозволи за проекти со суровини во рамки на ЕУ. Покрај тоа, избрани стратешки проекти ќе имаат финансиска поддршка и кратење на временските рамки за издавање дозволи (24 месеци за дозволи за екстракција и 12 месеци за обработка и дозволи за рециклирање).Земјите-членки исто така ќе треба да развијат национални програми за истражување на геолошките ресурси, се вели во Законот за критични минерални суровини.

Во меѓувреме, рударството во Македонија е со се помало учество во бруто-домашниот производ на земјата и засега актуелната состојба во овој сектор е многу далечна од приоритетите кои ги поставува Брисел. Во Македонија нов рудник се нема отворено изминатите 40 години. Наспроти фактот што земјава поседува голем дел од критичните минерали по кои трага Унијата, инвестициите во рударскиот сектор во Македонија се соочуваат со низа пречки. Последен пример е најавата за изградба на рудник за бакар во Иловица, зад кој стои Трафигура, мултинационална компанија која е светски лидер во областа на трговија со минерали и енергенси. Под притисок на дел од јавноста надлежните органи неколкупати го менуваат ставот за дозволите што ги добива инвеститорот за да може да ја реализира својата инвестиција, а инвеститорите во рударскиот сектор предничат во покренувањето меѓународни арбитражи против Македонија, за кои државата плаќа милионски отштети. Изминатиов период нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожув на канадската фирма „Резервоар минералс“, потоа рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич.

Би можело да ве интересира

Тешко повреден работник во рудникот „Брод – Гнеотино“

Горан Наумовски

Во рудник крај Пробиштип тешко повреден е рудар

Продолжува уривањето на рудникот во регионот Амур, 13 рудари се заробени

Несреќа во рудник за злато во Турција: Најмалку девет рудари се затрупани

Во несреќа во рудник во Кина загинаа 10 лица, шест се водат за исчезнати

Еуромакс Ресоурцес: За да доставиме ревидирана Студија за влијание врз животната средина неопходно е да се донесе одлука за спојување на концесиите

А1он