Република Македонија во првите десет месеци од годинава разменила стоки со странство во вкупна вредност од 9.528.769 илјади американски долари. Извозот изнесува 3.967.142 илјади американски долари и има раст од 5,8 проценти, увозот 5.561.627 илјади американски долари и има раст во однос на тој период лани 5,8 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври 2016 година, изнесува 1.594.485 илјади САД долари.
Во овој период најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникел и облека. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-октомври 2016 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.