Во организација на Управата за водостопанство на Република Македонија денеска во Битола се одржа регионална расправа за Акцискиот план и инвестиции во македонското водостостопанство за период од десет години.
– Станува збор за активности кои се дел од надлежностите на Управата за водостопанство, но овој пат одлучивме да изработиме десетгодишен, долгорочен план за инвестирање во водостопанството и создавање услови за навремено снабдување со чиста и квалитетна вода на сите корисници, посочи Кадир Сали, директор на Управата за водостопанство на Република Македонија.
Тој информираше дека со новиот акциски план е предвидена изградба на големи брани, мали акумулации, рехабилитација и санација на постоечката инфраструктура, како и изработка на финансиски план за потребните трошоци за сите инвестиции.
– Очекуваме од водокорисниците и од земјоделците да понудат идеи за содржината на овој документ. Инвестирањето во водостопанството е важен аспект и затоа планираме секоја година да го зголемуваме наводнувањето на површините, да имаме квалитетно производство на земјоделски производи, да имаме помали загуби на вода и сите корисници навремено да бидат снабдени со чиста и квалитетна вода, рече Сали.
Првата верзија на акцискиот план, одобрена од комитетот за наводнување и одводнување, денеска во Битола на јавна расправа ја разгледуваа претставници на водостопанските претпријатија од Прилеп, Ресен, Демир Хисар, „Битолско поле“-Битола, ЈП „Стрежево“-Битола, како и претставници на водостопанските заедници од пелагонискиот регион.