Министерот за зeмјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска ќе одржи работен состанок со винарите и лозарите.
На состанокот ќе стане збор за актуелните состојби во лозарството, откупот и исплатата на грозјето.
Министерот Цветков минатата недела имаше одвоени средби со лозарите од здружението „Агротиквешија“ и со претставници на поголемите винарски визби во земјава. Заеднички беше заклучокот дека годинава родот ќе биде преполовен поради неповолните климатски услови.
Производителите очекуваат повисоки откупни цени од лани. Според нив, 13 денари за килограм смедеревка и 15 за вранец би била реална. Поголемиот дел од винариите, пак, се подготвени за откуп на грозјето, но сметаат дека се уште е рано да се зборува за откупните цени поради нестабилните временски услови кои до бербата можат да ја променат состојбата со количините и квалитетот. Ова ќе биде тешка година, оценија, и поради конкуренцијата од евтиното шпанско вино.
Според министерот Цветков, треба да се најдат оптимални решенија кои ќе им одговараат на двете страни, и на производителите и на преработувачите. Тој воедно порача дека Законот за винарство мора да се почитува. Визбите, доколку сакаат да се вклучат во откупот, не смеат да имаат долгови кон лозарите.
Согласно Законот за вино, пет винарски визби од кои две поголеми „Повардарие“ и „Аневски“, поради долг кон лозарите нема да вршат откуп, но со продажбата на залихите и исплата на родот планираат идната година да се вкучат во откупот.
За да не се повтори ваквата состојба кај која било визба, винариите на состанокот предложија недостигот на финансиски средства да се обезбеди со краткорочни кредити со пониска каматна стапка наменети исклучиво за исплата на родот.
Како што подвлече министерот, ќе се разгледаат сите можности кои се на располагање за да им се помогне на винарските визби, а со тоа и на лозарите на кои треба навреме и реално треба да им се плати вложениот труд.