Занаетчиите се обременети со водење сметководствена евиденција, немаат доволно стручен кадар и се уште се соочуваат со сива економија.
Како што порачаа денеска пред доделувањето на мајсторските дипломи, неопходни им се финансиски и царински олеснувања, како и поддршка од државата зашто нема развој на мали и средни претпријатија без занаетчиство.
– Крајно сум загрижен за развојот на занаетчиството. Немаме стручен кадар, средните стручни училишта вадат деца кои се исклучително добро едуцирани, но не и практично потковани. Ние како работодавачи ги плаќаме по година до година и пол, а за возраст не добиваме ништо. Кога ќе ги научиме, ќе отидат да работат на друго место, изјави претседателот на Занаетчиската комора Никола Петров.
Според него, императив е, во земја како Македонија, без индустрија, да се развијат малите и средните претпријатија.
– Занаетчии не се оние што ставаат ракија во чашите, туку оние што произведуваат. Родителите треба да сфатат дека занаетот нема да го збогати нивното дете, но нема да го остави без леб. Во секое време за занаетчиите има работа. Владата дава некои ситни пари, за опремување, но треба да ја издигне повисоко улогата на занаетчијата преку царински и финансиски олеснувања, смалување на сметководствената евиденција зашто ние се претворане во сметководители. Не може секој занаетчија да плати сметкводител, нагласи Петров.
Во Македонија засега има околу 5.000 занаетчии, вклучувајќи ги и регистрираните вршители на занаетчиска дејност. Златари, фризери, козметичари, часовничари, се меѓу почестите занаети, а чевларите и оние струки кои се преплавени од кинескиот пазар, изумираат. Во земјава нема водоводџии, паркетари, електричари, луѓе што поправаат механички часовници.
Како што рече Петров, има две категории занаети, едно што изумираат, а други што не им се потребни на граѓаните – како самарџија или опинчар во Скопје.
Денешното доделување на мајсторските дипломи се организира првпат по 55 години.
Избрани беа успешни занаетчии во пет категории: мајстор занаетчија за животно дело, млад истакнат занаетчија, успешна жена занаетчија, занаетчија во модерниот дизајн и успешен занаетчија за 2017 година, а на десет лица им беа доделени дипломи за мајстор фризер.
– Мајсторските дипломи се сфаќаат несериозно, а се врв во кариерата на занаетчиите. Најголема придобивна во струката на еден занаетчија е да стане мајстор, потенцира претседателот на Комората.
Фризерката Марјана Ковачева, еден од добитниците на мајсторска диплома, рече дека ова е унапредување на занаетчиството и голем поттик за фелата. Од нејзината професија може да се живее, но, како што рече, не е секогаш се во парите, туку повеќе е во насмевката на задоволните клинети.
И според Димитар Димовски, исто така фризер, на млaдите останува да го наследат занаетот, да се усовршуваат и теоретски и практично.