Под наслов „Бизнис климата и развојот на претприемништвото кај младите“ во хотелот „Монтана палас“ во Крушево се одржува прва меѓународна конференција на студентските парламенти од економските факулти од Скопје, Македонија, од Србија и од Љубљана Словенија. Конференцијата се одржува од 3 до 5 март.
Според Виктор Блажевски, претседател на Студентскиот парламент при Економскиот факултет од Скопје, целта е младите, идни економисти да се едуцираат и да им се приближат искуствата за тоа што е потребно за развој на претприемништвото кај нив.
– Целта е да се овозможи едукација, пренос на лични и апликативни искуства, знаења и вештини и да се дебатира за учеството на младите во бизнисот во Македонија. Воедно и да се акцентира потребата и значењето на претприемништвото за економскиот развој на нашата држава. Никој почеток, особено за младите не е лесен, но со истрајност, посветеност се стигнува до целта и вакви едукации се многу потребни. Апелирам тоа што повеќе да го прават и другите студентски парламенти на факултетите, изјави Блажевски.
На меѓународната конференција предавачи се д-р Жан Митрев, кардиоваскуларен хирург и основач на специјалната болница „Филип Втори“, Драгана Чифлиганец, извршен менаџер во градежната фирма „Адора инженеринг“, Крис Поповски, основач на „Signori“, Алан Кастиљо, основач на „Indbus“, Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенција за супервизија и осигурување (АСО), Љупчо Белески, директор за извоз на А.Д „Витаминка“, Климе Булоски, директор за продажба на Еуротабак – Скопје.
На Меѓународната конференција се презентираат и примероци на нови банкарски инструменти за целосна поддршка на студентите.
Според кардиохирургот Жан Митрев многу е битна посветеноста на она што се работи.
– Нема посебна формула за успех, но една од основните работи е посветеноста, работата од срце за да се постигнат резултати, рече Митрев.
За Климе Попоски од Агенцијата за супервизија и осигурување, осигурителната индустрија е една од првите во државава што ангажира голем број млади.
– Само за пет години осигурителната индустрија за 30 насто ги зголемила вработувањата и тоа на млади. Кадрите не се само економисти, тутку и од други профили. И како што се развива овој сектор, така ќе се зголемува потребата од младите кадри, рече Попоски.
Оваа прва меѓународна конференција што ја организира студентскиот парламент при Економскиот факултет од Скопје завршува утре.