Подобрувањето на условите во здравствените установи, набавената нова медицинска опрема и реконструкцијата на здравствените установи во Македонија што е во тек е сонова за развој на здравствениот туризам, беше посочено на на Првата конференција за развој на здравствениот туризам на Република Македонија.
На конференцијата се промовираше националната стратегија за развој и промоција на здравствениот туризам во Република Македонија за периодот 2012-2018 година.
– Вредноста на проектите во здравството е 100 милиони евра, а со тоа здравствените установи ќе ги пружат сите услови неопходни за привлекување на домашни и странски пациенти, истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.
Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека минатата, но и годинава достигнавме еден од најголемите порасти во туризмот во изминативе 10 години.
– Вкупниот број на туристи во минатата година е зголемен за 10,5 отсто, додека ноќевањата забележаа пораст од 7,6 проценти. Бројот на странските туристи е качен на 25,1 отсто, а ноќевањата на 35,1 отсто. Девизниот прилив за 2011 е зголемен за 25 проценти. Предвидувањата се дека остварениот девизен прилив во 2013 година ќе достигне зголемен процент од преку 30 отсто, додека вкупните вработувања во туризмот ќе пораснат за 10 проценти, рече Сарачини.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вети дека ќе го поддржи развојот на здравствениот туризам и дека ќе направи се што е во рамките на неговите надлежности.
– Континуирано работиме на подобрување на инфраструктурата, а со модернизацијата на аеродромите, Македонија сана поатрактивна земја за секој вид туризам. Во рамките на нашите надлежности со градежното земјиште имаме и активности кои се со цел изградба на нови објекти, во тек е подготовка на нови локации за изградба на бањи во Кратово, Пробиштип, Виница, Штип, Струмица и Дебар кои дополнително би придонеле за зголемување на понудата за здравствен туризам, изјави Јанакиески.
Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Јордан Трајков истакна дека со промовирањето на Македонија во светот, ќе се промовира и здравствениот туризам.
– Со развојот на здравствениот туризам директно ќе влијаеме на зголемувањето на девизниот прилив, јакнењето на јавните и приватните здравствени институции, намалување на невработеноста и подобра позиција за компаниите кои работат во областа на туризмот. Со јакнењето на оваа гранка, создаваме можност да се зголеми приливот на етаблирани професионалци. Со тоа, повеќе од јасно е дека здравствениот туризам е еден од битните фактори за развој на македонската економија, рече Трајков.
На конференцијата, претставниците на здравствените установи имаа можност да се сретнат со министрите и да ги презентираат проблемите и барањата во насока на развој на здравствениот туризам.