Адвокатското друштво Апостолски како правни застапници на БСГР, малцинскиот акционер на Кунико Ресурсис, групацијата во чија сопственост е Фени индустри, покренува кривична постапка против раководството на Фени за кривични дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената должност и овластување“, „измама“, „оштетување или повластување на доверители“, како и други бројни дејствија со кои е нанесена штета на БСГР и на други засегнати страни.
– Почнуваме со кривична постапка против главниот извршен директор на Фени индустри, Јусуф Миракхмедов кој свесно ја искористил службената положба и овластување за прибавување имотна корист за себе или други лица, измама од големи размери, па на така криминално прибавените средства преку нелегални парични текови им ја прикрил локацијата и движењето, со што направил класичен случај на перење пари, посочуваат од Адвокатското друштво Апостолски.
Дополнително, додаваат, покренуваме постапка како соизвршители, против генералниот извршен директор Јусуф Миракхмедов и сопственикот, претходно менаџерот на Нова Логистика Надица Атанасова-Кабранова.
– Кривичната постапка за нив е за злосторничко здружување, за вршење на бројни нелегални трансакции и активности меѓу Фени индустри и Нова Логистика, преку кое е вршено перењето пари, при што Нова Логистика, иако била фирма ќерка на Фени индустри, на незаконски начин преминала во сопственост на Надица Атанасова-Кабранова. Следствено на тоа, имаме основи на сомневање за помагање, заговарање и овозможување на горенаведените криминални дејствија од страна на Амир Абед, кој фигурира на повеќе нивоа во Фени индустри и Кунико Ресорсис, како и Џереми Неадс, неизвршен член на одборот на директори на Фени индустри и други функции на ниво на групацијата, нагласуваат од Адвокатското друштво Апостолски.
Оттаму порачуваат дека нивните претходни сознанија и сомневања се потврдиле и со најавениот стечај на Фени индустри заради несервисирање на долговите, и генериран долг над 60 милиони УСД и потсетуваат дека БСГР, како засегната и оштетена страна, веќе има покренато и други кривични постапки против различни бордови и раководства на групацијата Кунико, во различни судови.