Пратеничките од ДОМ гласаа против враќањето на рамниот данок, што ќе се применува во следните три години.
„Прогресивниот данок овозможува социјална правда и солидарност, што се едни од основните зелени вредности. За да се обезбеди поквалитетно здравство, образование, социјална помош, ефикасна заштита на животната средина, развој на инфраструктура, неопходни се повеќе финансиски средства во буџетите. Фер е оние кои повеќе заработуваат, повеќе и да одвојат за таа намена. Затоа прогресивниот данок е правичен и влијае на намалувањето на социјалната нееднаквост. Досегашните искуства од примената на рамниот данок, покажуваат дека тој не придонесе за зголемување на економскиот стандард на мнозинството граѓани, а социјалната нееднаквост евидентно се зголемуваше. Сметаме дека прогресивниот данок нема видливо негативно влијание на профитабилноста на фирмите. Потсетуваме дека во последните две години се донесоа низа мерки за помош на домашните и странските компании“ – истакна Морачанин во своето обраќање во Собранието.
Дополнително предлагаат и зголемување на данокот на имот со што би се обезбедиле повеќе финансиски средства за локалната самоуправа, за комуналиите да не бидат најголемиот извор на финансирање на општините, велат од ДОМ.