Винарската визба „Повардарие“ целосно ќе го исплати долгот за откупеното грозје кон лозарите до крајот на оваа година. Оваа одлука произлезе од денешниот состанок на лозарите со менаџментот на винарската визба, кој се одржа во Неготино во присуство на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и новиот градоначалник на Неготино, Тони Делков.
Средбата беше организирана од страна на МЗШВ, со цел итно да се најде решение за исплата на долговите што визбата ги има кон лозарите.
На состанокот, информираат од МЗШВ, раководство на ВВ „Поварадарие“ изрази уверување дека комплетно ќе бидат расчистени долговите кон лозарите за преземеното грозје за 2014, 2015 и за 2016 година. Од винарската визба посочија дека имаат залихи на вино за извоз во странство од чија продажба ќе се се реализира исплатата на долговите кон лозарите.
Оваа состојба ја потврди Државниот инспекторат за земјоделство, кој изминатите денови изврши контроли во В.В „Повардарие“ и утврди дека визбата има залихи на вино.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вчера изјави дека има потпишано решенија со кои се одобрува продажбата на вино од залихите на винарската визба, но под услов со тие финансиски средства да бидат исплатени лозарите.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство внимателно ќе ја следи состојбата со текот на исплатата, и на секои 15 дена ќе прави контрола за количините на извезено вино, уплатата на финансиските средства за продаденото вино и исплатата кон лозарите.
Првично долгот на ВВ „Повардарие“ кон лозарите беше 3,5 милиони евра, а сега изнесува околу еден милион евра.