Словенечкиот економист Александар Кешељевиќ тврди дека е потребно што побрзо да се смени начинот за решавање на кризата во ЕУ кој го заговара германската канцеларка Ангела Меркел, бидејќи политиката на штедење не донела позитивни ефекти, посебно во „периферните земји“.
– Веќе пет години нема позитивни резултати од политиката на штедење, а незадоволството од ЕУ и Германија е се поголемо, истакна Кешељевиќ.
Професорот на Економскиот факултет во Љубљана и еден од изразените противници на „неолибералната“ струја меѓу словенечките економисти смета дека незадоволството од Германија и нејзината канцеларка поради политиката на штедење е посебно изразено во Грција.
Мерките кои ги спроведува „тројката“ во оваа земја не ги даваат саканите резултати, а дојде и до големо намалување на бруто домашниот производ и пораст на невработеноста, со слични трендови во Шпанија и Португалија.
– Германците очевидно не созреале за водечката улога во Европа, тврди Кешељевиќ.
Тој додаде дека не очекува промени во сегашниот начин на решавање на кризата во ЕУ, доколку не дојде до „организиран блок на периферните држави“ и „одлучувачки“ став на Франција, имајќи предвид дека Меркел ужива голема поддршка во Германија, која е пред избори. Според него, Словенија треба да води поактивна економска политика, наместо само да ги пресликува мерките за штедење кои се носат во Брисел.