Потпишан Договор за соработка помеѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони

Од:

Нетранспарентна и без економска логика беше државната помош за привлекување странски инвестиции во претходната декада. Се потрошија премногу пари наспроти работните места што беа креирани и придобивките што се остварија за локалната економија, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната министерската панел-дискусија во рамки на Европскиот самит на слободни зони во Скопје.

Бектеши нагласи дека токму поради тоа, новата Влада го воведе Планот за економски раст кој е преточен во јавна дебата со бизнис секторот.

-Факт е дека напорите за унапредување на странските директни инвестиции треба да бидат придружени со одредени владини стимулации, но пристапот на Владата има за цел натамошно поврзување и развој на локалната економија во партнерство со компаниите кои работат во технолошките индустриски развојни зони во земјата. Еднаквиот третман на домашните и странските инвеститори придонесе за намалување на јазот меѓу нив, а целта е понатаму да се зголеми вработеноста и да се стимулира зголемувањето на нето платите, истакна Бектеши.

Како што беше речено на една од панел-дискусиите, и Бугарија има проблем со недостигот на квалификуван кадар што е еден од клучните предизвици и за нашата земја.

-Најголемиот проблем на Бугарија е недостатокот на работна сила, па оттаму потребата заеднички, во партнерство со земјите од регионот да се работи на произведување квалитетен кадар кој ќе биде оспособен да работи со висока технологија, карактеристична за компаниите присутни во технолошките зони, потенцира генералниот директор на Националната компанија за индустриски зони во Бугарија, Антоанета Барес.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски, упати порака дека државната помош не е најважната работа, туку создавањето квалификувана работна сила.

-По квалификуваната работна сила доаѓа инфраструктурата што ја нуди зоната, па на крај доаѓа државната помош, рече Младеновски.

Со ваквиот став се согласи и Драган Костиќ, директор на одборот на Светската организација на слободни зони и директор на Слободната зона Пирот. Напомена дека главниот предизвик за зоните е брзо и ефикасно да ги обезбедат потребните услови за компаниите заинтересирани за инвестирање, како што се инфраструктурата и царинското управување.

Директорот на „Enterprise Greece” Стерјулис Григорис потсети на бизнис форумот меѓу компаниите од Грција и нашата земја што неодамна се одржа во Скопје.

-Пред месец дена бевме во оваа сала со стотина бизнисмени од Грција и од нив ја слушнав пораката за заедничка соработка. Би сакал да нагласам дека Грција целосно ја поддржува Северна Македонија што поскоро да влезе на пазарот на ЕУ. Државите од регионот имаат потреба од економска соработка и на тој начин сите ќе имаме подобри резултати. А влезот во слободните зони овозможува зголемување на опсегот на глобализацијата, порача Григорис.

По завршувањето на министерската панел-дискусија беше потпишан Договор за соработка помеѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони.

Поладнево се закажани и панели на темите „Иднината на слободните зони и предизвиците со кои се соочуваат“, „Нелегална трговија и нејзините ефекти врз слободните зони и нивните безбедни програми“ и „Формирање здружение кое ќе ги опфати сите видови зони“, додека во текот на утрешниот ден е предвидена посета на слободната економска зона во Скопје.

Би можело да ве интересира

Царовска: Инвестиции во нови градинки во Кочани, Неготино, Кисела Вода и Кавадарци со грант од Светска банка

А1он

Заев: Следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра

А1он

Понеповолна економската состојба во преработувачката индустрија на месечно ниво

А1он

Прометот во индустријата намален на месечно, зголемен на годишно ниво

А1он

Гацов: Политичките случувања влијаат негативно на економијата и даноците

А1он

Изменетиот закон за возила стапува во сила без целосно дефинирани критериуми

Татјана Ташкова