Претседателот на регионалната Стопанска комора на Македонија – Штип, Наум Барзов денеска во Пробиштип потпиша Меморандум за соработка со градоначалникот на Општина Пробиштип и директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.
Во насока на подобрување на бизнис климата во Пробиштип, конкретно, надминување на пречките на кои наидуваат стопанствениците за реализација на своите цели и идеи во секојдневното работење, Регионалната стопанска комора, локалната самоуправа и Центарот за развој на источно–планскиот регион остварија и работна средба со бизнисмените од општината. Тема на состанокот беа измените на работното законодавство и изнаоѓање на најсоодветни решенија за проблемите кои би произлегле од истите.
– Ние како Регионална стопанска комора сме повеќе вклучени административно да помогнеме во остварување на тие цели и задачи кои што ги имаат фирмите, додека центарот за локален економски развој е тој што ги промовира, што има алатки, средства и фондови, кои можат да ги искористат за подобрување на условите за работење на фирмите, а со тоа ќе се придонесе и за подобар стандард, услови и услуги на нашите граѓани, односно на граѓаните на Штип, Пробиштип и целиот источно плански регион, рече Наум Бразов, претседател на регионална Стопанска комора со седиште во Штип
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека како општина се отворени да одговорат на сите барања и потреби на бизнис заедницата..
– Секој некој кој се одлучил да егзистира во приватниот сектор има место за секого. Нормално дека, конкуретноста за работната рака доаѓа до израз кај поголемите, меѓутоа од овој ден, од овој меморандум па понатаму ќе има место за секоја една приватна фирма, вели Атанасов.
Тој смета дека овој меморандум ќе овозможи и организирање на регионални и национални саеми и форуми за достојна презентација на бизнис секторот, нивните производи и иновативни идеи, со тенденција овие манифестации да добијат меѓународен карактер, со што домашните компании ќе станат препознатливи на европскиот и светски пазар.