Дури половина од потребната енергија во Германија денес се произведува од ветерници, објави организацијата „Германска енергетска транзиција“.
Оваа невообичаена енергетска ситуација, како што јави дописникот на МИА од Берлин, се должи на систематските мерки што ги презема Германија во последнава деценија за воведување на обновливи извори на енергија, но овој огромен процент сепак се должи на силните ветришта што го зафатија северниот дел на земјата.
На почетокот на 2014 година инсталираниот капацитет на енергија од ветерници бил околу 33 мегавати. Во 2011 година ветерниците произведувале 8 отсто од целата електрична енергија, а според експертите во година со просечен ветер Германија може да добие близу 11 проценти од својата енергија од ветерници. Во моментов на територијата на Германија работат околу 21.600 ветерници.
На ниво на ЕУ инсталираниот енергетски капацитет од ветерницци во 2012 година бил 11,4 отсто од потребите. Според извештај на Европската агенција за животна средина, потенцијалот на ветерниците во ЕУ, сместени во континеталниот дел и на море, е доволен да ја покрие потребата на Унијата за енергија за неколку пати.
Во 2020 година се очекува потенцијалот од ветерниците да биде три пати поголем од побарувањето на ЕУ за електрична енергија. Според извештајот, до 2030 година ветерот може да обезбеди седум пати повеќе струја од потребите на ЕУ.