Полската рафинерија за нафта ПКН Орлен побара од рускиот Транснефт да испорача 3 милиони тони нафта, пишува „Комерсант“. Нафтата треба да се испорачува преку системот на нафтоводот Дружба во 2023 година, според сегашните долгорочни договори, пишува рускиот весник, повикувајќи се на свои извори.
„Транснефт“ потврди за „Комерсант“ дека примиле барања од полски клиенти за следната година, но не прецизираа кој ги доставил и за колкаво количество нафта станува збор.
ЕУ ќе воведе ембарго на руската нафта на 5 декември, но забраната официјално се однесува само на пратки по морски пат. Полска и Германија добиваат руска нафта преку нафтоводот Дружба, но најавија дека ќе го прекинат увозот до крајот на годинава.
„ПКН Орлен континуирано го диверзифицираше своето снабдување со нафта. Во моментов, 70 отсто од нафтата за сите рафинерии во Полска, Чешка и Литванија доаѓа од насоки кои се алтернатива на Русија“, изјави за Ројтерс канцеларијата за односи со медиумите на ПКН Орлен.
ПКН Орлен склучи договори за снабдување со нафта со Роснефт и Татнефт. Договорот со Роснефт треба да истече на крајот на годината, а со Татнефт до декември 2023 година, според трговците.