Занаетчиството во Македонија заслужува внимание, има потенцијал и нуди можности. Но, иако со долга историја и традиција, се уште не е на посакуваното ниво. И натаму се соочува со силно изразена нелојална конкуренција, недоволно стручен кадар, административни пречки и високи казни несоодветни на големината на бизнисот кој е најчесто микро или семеен.
Ова е пораката од манифестацијата Денови на занаетчиството која традиционално се одржува веќе четврта година.
– И покрај тоа што последниве години власта направи одредени чекори за поддршка на овој сектор, се уште сметаме дека занаетчиството не го добива заслуженото внимание. Ако се земе предвид фактот дека во земјава постојат 10.000 занаетчии, очекуваме повеќе конкретни мерки за поддршка креирани само за занаетчиството со сите негови специфики, истакна претседателот на Занаетчиската комора на Македонија Весна Симова.
Голем дел од дефицитарните занимања, додаде, се токму занаетчиските. Тоа е уште еден доказ дека оваа дејност нуди и има перспектива.
Според државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусеин, потенцијалот на македонското занаетчиство не е целосно искористен. Резбарската тајфа, кујунџиството, самарџиството, грнчарството,… се веќе реткост и покрај фактот што со децении биле едни од основните обележја на нашата култура и традиција. Сепак, последниве години се чувствува поволен ветер.
– Занаетчиството мора да се презентира како важен дел на стопанството. Тоа не е само традиција и чувар на културата, туку високо техничко занимање, атрактивно, перспективно особено за младите, овозможува креирање нови работни места и семејни бизниси, нагласи Хусеин, потенцирајќи дека токму занаетчиството и малите и средните претпријатија се движечка сила на секоја пазарна економија.
Изразувајќи уверување дека максимално ќе се заложи за подобрување на условите во занаетчиството, министерот за економија Беким Незири најави поголема поддршка преку обезбедување повеќе средства наредната година и донесување нов закон со кој ќе се регулира оваа дејност.
– Ако се направи споредба на занаетчиството некогаш и сега, евидентно е влошувањето на состојбата. Во минатото се одвивало многу поинтензивно. Како ресорен министер имам обврска, во партнерство со релевантните здруженија, да дадеме придонес за подобрување на ситуацијата, подвлече Незири.
Согласно Програмата за самовработување, од 2007 година досега, регистрирани се 5.835 нови бизниси од кои 934 се занаетчиски.
Деновите на занаетчиство се организираат од 2010 година, со поддршка на германската влада и стопанската комора од Кобленц. Целта е промворање на занаетчиството и неговите потенцијали. На манифестацијата уште еднаш беше укажано на потребата од воведување т.н. дуален образовен систем, како во Германија, кој предвидува практична обука, паралелно со теоретсјкото учење.