Управата за јавни приходи го подготви системот за пресметка и уплата на придонесите на приходите од договори на дело, авторски договори и други договори согласно со измените на Законот за придонеси.
Клиентскиот софтвер, насоките за изготвување пресметки и калкулаторот согласно измените на Законот за придонеси се објавени на веб страницата на УЈП.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се утврдуваат категориите на обврзниците кои од 1 јануари 2015 година имаат обврска за плаќање на Придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ППИО) и Придонес за здравствено осигурување (ПЗО) за приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа. За секоја категорија на обврзници се регулира настанувањето на обврската за плаќање на придонеси, основицата за пресметка на придонесите и кој е обврзник за поднесување на пресметката и за уплата на придонесите.
Обврската за плаќање на ППИО и ПЗО се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договори почнувајќи од 1 јануари 2015 година, без оглед на тоа кога е склучен договорот и/или кога е извршена физичката и/или интелектуална работа врз основа на договор.
Пресметката на придонесите се врши месечно, со користење на т.н. клиентски софтвер (МПИН образец) и се доставува до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во тековниот за претходниот месец, по електронски пат.Плаќањето на месечната пресметка се врши до 15-ти во месецот за претходниот месец.
За надоместоците по договори исплатени во месец јануари 2015 година, рокот за поднесување на МПИН пресметка е до 20-ти февруари 2015 година, а рокот за плаќање на придонесите е до 25-ти февруари 2015 година.