Во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово почна со работа фабриката за производство на стакло „Глас Флекс“, сопственост на македонско-холандски капитал.
Вредноста на инвестицијата е девет милиони евра, а предвидени се 300 вработувања.
– Фабриката е со најмодерна линија за производство на стакло единствен на Балканот, која користи најмодерна технологија со целосно автоматизиран процес. Се работи претежно за извоз, 80 проценти од производството се продава на пазарите на поранешните југословенски републики и западноевропските држави, изјави Гоце Пешов, менаџер во „Глас Флекс“.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој присуствуваше на настанот, рече дека се прават напори да не се стопираат градежните активности во зоните и покрај пандемијата.
– Како Министерство за економија имаме добиено апликација за отворање на нов капацитет на германска компанија за изработка на компоненти за автомобилска индустрија тука во технолошко индустриската развојна зона, рече Бектеши.
Фабриката „Глас Флекс“ има објект од 9.000 метри квадратни, а ќе се произведува калено, луминирано и друг вид специјализирано стакло.