Почна откупот на тутунот, родот квалитетен, се очекува повисока цена

Од:

Откупот на тутунот почна добро, проблеми не се очекуваат, а извесно е дека производителите ќе постигнат повисока цена од ланската зашто родот е квалитетен.

Ова го истакна заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски кој денеска, заедно со директорот на Инспекторатот за земјоделство Цветан Трипуновски, го посети откупниот пункт на „Алијанса“ – Кавадарци во Прилеп.

– Откупот се одвива во најдобар ред. Тутунот има висок квалитет и на задоволство на сите, особено на производителите, согласно проценката и верифицираните мостри, цената е задоволителна. Министерството и Инспекторатот ќе бидат присутни на пунктовите. Се очекува 10-те откупни претпријатија да преземат околу 20.000 тони тутун по цени повисоки од минатогодишните, изјави Костадиновски, додавајќи дека по откупот и субвенциите ќе бидат исплатени кога ќе се овозможат услови.

Според Трипуновски, од 176 откупни пунктови, отворени се 63 на три фирми кои обезбедија бонитет.  

– Тутун откупуваат „Алијанса“ од Кавадарци, „Сокотаб“ од Битола и „Кавекс Балкан“. Имаме најави дека и други компании веќе ги обезбедуваат средствата за откуп и деновиве ќе почнат со преземање. Останатите во наредниот период откако ќе ги исполнат услоите, ќе го почнат откупот на тутунот. Законски, стартот на откупот е до 15 декември. Реколтата е квалитетна, а ние треба да ганрантираме дека односот меѓу откупувачите и тутунарите ќе биде во најдобар ред, рече Трипуновски.

Производителите се задоволни од почетокот на откупот и, како што рекоа, очекуваат повисоки цени.

– Задоволни сме со почетокот на откупот на тутунот и, бидејќи родот е квалитетен, очекуваме да се постигне повисока просечна откупна цена од ланската од 182 денара за килограм. Ги потсетувам тутунарите во меѓувреме да си го подмират долгот кон водостопанство за навреме да добиваат субвенции, а на откупувачите им укажуваме дека будно ќе ја следиме проценката на родот на вагите, истакна претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Стомнароски: Откупот на тутунот нема да почне без зголемени цени