Народната банка во средата соопшти дека ја затворила „Еуростандард банка“ АД Скопје, поради неисполнување минимални законски услови за работење, достави предлог до надлежниот суд за отворање стечајна постака. Главниот акционер во „Еуростандард банката“, Трифун Костовски, од своја страна, најави дека правдата за случајот ќе ја бара надвор од земјава, истакнувајќи оти за тоа има легитимно право, бидејќи објективно станува збор за странска инвестиција.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска информира дека затворањето на „Еуростандард банката“ воопшто нема да ја доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем, а сите депозити на штедачите ќе бидат исплатени во рамки на законските рокови.
Согласно состојбата до 31 јули 2020 година, најавено е обесштетување на 136.619 депоненти или 99,4 отсто од вкупниот број, со 4,4 милијарди денари. Останатите 780 депоненти нема да бидат обесштетени или нема да бидат обесштетни во целост зашто ќе се покриваат само сумите во банката до 30.000 евра.
НБ информира дека во изминатиот период заради ризици во работењето „Еуростандард банката“ била под засилен супервизорски надзор и постојано и и биле изрекувани мерки и била засилувана супервизијата за отстранување на слабостите.
Според Ангеловска-Бежоска, клучните проблеми на банката биле одраз на слабостите од минитиот период, а не на тековните состојби. Една од најголемите слабости на работењето на банката било поголемото преземање кредитен ризик или помалото обезбедување на кредитите што се давани, а тоа резултира со кредитни загуби. Кредитите учествувале со 50 проценти од вкупната актива на банката, односно со 3,6 милијарди денари.
Вината за стечајот, Трифун Костовски ја лоцира во Управниот одбор на банката, кого го обвини за злоупотреба на капиталот и на сметките и на физачките и на правните лица во банката, но и во Народната банка, на која, според него „и се брзало“ за затворање на „Еуростандард“ и не сакала да и помогне.
Тој нагласи дека станувало збор за „долго планиран атак врз „Еуростандард бнаката“, за што причините не му се познати.
Според него, имало потенцијален партнер за спас на банката, но Народната банка „не одвоила ниту пет минути да му пружи шанса на тој инвеститор“.
Се огласи и Комитетот за финансиска стабилност, кој соопшти дека и по стечајот на „Еуростандард банка“ банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен и стабилни и сигурни се сите други банки и штедилници.
– Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина. „Еуростандард банка“ АД Скопје имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3 тосто од вкупната актива, 1,7 проценти од вкупните депозити и 1,6 отсто од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот.
Фондот за осигурување на депозити ги информира физичките лица – депоненти на „Еуростандард банка“ дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.
– Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година, информираа од Фондот.
По одлуката на Народната банка, и Комисијата за хартии од вредност во четвртокот трајно и ја одзема дозволата за работа за вршење услуги со хартии од вредност на „Еуродстандард банката“, укажувајќи дека трговските трансакции со хартии од вредност кои биле склучени со банката до одземањето на дозволата ќе се реализираат во целост согласно важечките законски прописи и правила. Комисијата информира и дека пазарот на хартии од вредност останува стабилен, функционален и целосно ефикасен.
Македонската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека со стечајот на „Еуростандард“, ниту една друга банка не е изложена на ризик што може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност, потенцирајќи дека банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови.
Според МБА, утврдените слабости во работењето на „Еуростандард банка“ не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем кој е сигурен, стабилен и солвентен.
– Банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а таа стабилност се согледува преку тоа што располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата, квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 проценти се од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот, а солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од осум отсто, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 проценти, наведе МБА, посочувајќи дека депозитите во сите банки и штедилници се сигурни.
Управата за јавни приходи (УЈП) апелираше до граѓаните, кои во апликацијата МојДДВ имаат внесено трансакциска сметка од „Еуростандард Банка“, да извршат промена со внесување на валидна трансaкциска сметка, со цел исплата на средства од поврат на ДДВ за физички лица, а Фондот за пензиско и инавалидско осигурување информира дека сите корисници на пензија на кои исплатата им се вршиеше преку трансакциски сметки во оваа банка, најдоцна до 21 месецов треба да достават известување до друга банка преку која што би сакале во иднина да им се врши исплата на пензијата.
На случувањата во „Еуростандард банката“ реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека тоа е огромен скандал и неуспех на македонската влада, наведувајќи дека станува збор за „втор ТАТ“ и дека „20-тина милиона евра ќе останат необештетени“ и ќе има „нов бран на отпуштања од работа и стечај на фирми и клиенти поврзани со банката“.
На ваквите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, возврати СДСМ повикувајќи ја опозициската партија да престане со ширењето лажни вести и паника кај граѓаните и да дозволи институциите да ја работат работата за која што се надлежни и посочувајќи дека банкарскиот систем е стабилен, а одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“ е согласно Законот за банки и за заштита на интересите на граѓаните.
Во врска со случајот со „Евростандард банка“, претседателот Стево Пендаровски вчера имаше средба со гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што побара сите надлежни институции да вложат максимални напори за обесштетување на депонентите.
Пендаровски изрази очекување дека банкарскиот систем и понатаму ќе биде стабилен, напоменувајќи дека е особено важно Народната банка и натаму да продолжи со успешно остварување на своите законски цели и задачи, давајќи клучен влог за успешна монетарна политика, за финансиската и макроекономската стабилност на земјава.