Угостителите од Делчево и нивните колеги од Пехчево и годинава традиционално ја организираа долго најавуваната угостителска вечер. На вечерта присуствуваа околу 80 угостителски работници кои на најубав можен начин ја одбележaa својата долгогодишна работа во угостителството. Како што информираше угостителскиот работник Горан Јанковски, ова е мал јубилеј, бидејки угостителската вечер се одржa по петти пат.
– Идејата за организирање на ваков настан започна спонтано, во првите три години угостителска вечер одрганизиравме само во Делчево, четвртата година бевме во Пехчево и еве сега јубилејната петта година повторно сме во Делчево. На овој мал јубилеј не забавуваат, имавме специјални гости од Бугарија, имаме прекрасна атмосфера која траеше до доцна во ноќта. Благодарност до сите кои активно учествуваа во организирањето на оваа традиционална угостителска вечер.
На сите угостителски работници вклучително и сопствениците им посакувам успешна работа и уште многу години вака да се собираме, рече Јанковски.
Јанковски додава дека за наредните години во план е средбата да се прошири со учество и на угостителските работници од Берово и Виница.
Во Делчево угостителството во моментот зазема значајно место во развојот на локалната економија. Делчево е едно од местата каде гастро-туризмот поради големиот број гости од соседна Република Бугарија е на највисоко можно ниво. Ако продолжи ваквата слика, како што велат самите работници во оваа дејност, угостителството уште долги години ќе биде заштитен белег на градот Делчево.