Банките веднаш по носењето на одлуката на Судот во Велес за отварање на стечајна постапка, информираат дека доставиле предлог услови за склучување на Меморандум за разбирање до неколку потенцијални инвеститори, кои до овој момент покажаа интерес за „ФЕНИ Индустри“.
„Како резултат на нашата доследност, овие предлог услови се доставени и до конзорциум во кој учествува и „Енекод“. Сите заинтересирани инвеститори имаа доволен период да ги разгледаат предлог условите од Меморандумот и доколку ги исполнуваат условите имаат рок до 6 декември да го потпишат. Очекуваме дека во наведениот период ќе имаме веќе потпишан Меморандум со некои од заинтересираните инвеститори, по што веднаш ќе се создадат услови банките да поднесат изјави до судот. Очекуваме тој да овозможи плаќање на сите неопходни трошоци за непречено функционираење на технолошки минимум на работење на „ФЕНИ Индустри“, вклучувајки и исплата на ноемвриската плата на вработените соглaсно законските можности“, се наведува во соопштението на банките.
Стечајниот управник на „Фени Индустри АД”, Мирослав Анастасиевски информира дека денес е поднесено барање за давање согласност од доверителите подносители на пријавата за стечај за авансирање на потребните средства во стечајната постапка, во насока на продолжување на започнатите работи во претстечајната постапка и целосно работно ангажирање на вработените.
„Апелирам до вработени да бидат трпеливи, достоинствени и на своите работни места, да не подлегнуваат на шпекулации и манипулации, нивните права ќе заштитени согласно Законот. Очекуваме банките подносители на пријавата позитивно да одговорат на барањето во најкус можен рок“, се вели во изјавата на Анастасиевски.