Пет милиони евра штета од невремето, земјоделците бараат градобијнa заштита

Од:

Пет милиони евра, толку според првичната проценка на земјоделците изнесуваат штетите од минатонеделното невреме во Овчеполието.

Земјоделците очекуваат обесштетување и апелираат државата итно да го врати системот на градобијна заштита.

За денеска во Ново Село, директно на терен, е закажана средба со претставници на локалните самоуправи од Велес, Свети Николе и Лозово. На средбата ќе присуствува и ресорниот заменик-министер Благе Цветковиќ.

– Ние очекуваме обесштетувања, но зависи како ќе го „прогласат“ невремето. Штетата е фактички направена, невремето е виша сила, а градобијни ракети нема што е најголема слабост и не треба ни секунда да се размислува за нивно враќање со оглед на новата технологија. Денеска, во Ново Село, на самото место ќе се видат штетите и ќе се договориме како и кога ќе биде проценката зашто еден сопственик може да има во повеќе општини. Исто така има и луѓе со по 700 – 800 хекатри, изјави за МИА претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Од невремето во средата најмногу настрадаа житните култури, лозјата, овошните насади и градинарството, но предизвикани се и материјални штети. Според Министерството за земјоделство кое ја потврди денешната средба, комисиите за проценка од локалните самоуправи се веќе формирани и денеска треба да излезат на терен.

Силните врнежи проследени со град и грмежи зафатија околу 5.000 хектари површина, од Велешко брдо до Црнилиште, Светиниколско.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници