Пешевски: До јануари нема да има либерализација на пазарот на електрична енергија за компаниите

Од:

До јануари нема да има либерализација на пазарот на електрична енергија за компаниите. Се уште нема донесено таква одлука, бидејќи ќе зависи  што ќе се случи на пазарот и кои ќе бидат проценките на Владата, ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во одговор на прашање на презентацијата на инвестициска програма „Мастерплан“ на ЕВН Македонија.

Тој посочи дека Македонија нема намера да не ги почитува директивите, но сепак мора да води сметка за граѓаните.

– Едно се обврските кон Европската унија, но ние пред се имаме обврска кон граѓаните на Република Македонија. Прашањето на либерализација е во директна корелација со зголемувањето на цената на електричната енергија за граѓаните. Со либерализирањето би следело големо зголемување на цената на домаќинствата за можеби сосема мало незначително намалување на цената кај индустриските потрошувачи и компаниите, рече Пешевски.

Тој смета дека јавноста недоволно е запозната што значи либерализацијата.

– Кога се прави пресметката во Регулаторната комисија за енергетика се гледаат збирно трошоците и приходите во рамки на целиот систем. Сето она намалување што ќе дојде кај компаниите во ист момент директно мора да биде пренесено кај домаќинствата. Пазарот на електрична енергија во Македонија е тој. Доколку кај еден се намали, кај друг ќе се зголеми и токму затоа треба да се направи баланс, прецизира Пешевски.

Како Влада, посочи, процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија го следиме многу внимателно.

– Голем број држави кои директно и брзо влегоа во процесот на либерализација претрпеа сериозни економски последици од тој чекор зашто значеше големо зголемување на цената на електричната енергија токму за граѓаните. Таков беше случајот со Бугарија и Хрватска каде цената на електричната енергија за домаќинствата е поскапа за околу 70 отсто од онаа во Македонија како ефект на либерализацијата, рече Пешевски.

Кај нас, додаде, цената е околу 38 центи, а кај нив е 52 центи по киловат час.

– Тоа е нешто што ние како Влада гледаме да го амортизираме колку што е можно повеќе. Постојат некои обврски кои Македонија ги има преземено кон Европската унија, постојат  и определени директиви со определена динамика. Владата се обидува да направи баланс помеѓу тоа што значи обврски кон Европската унија и она што значи интерес на граѓаните. Мислам дека Владата има покажано дека знае да го направи тој компромис на еден правилен начин и во таа насока се и овие чекори, односно ова мало одлагање на либерализацијата кое ќе настане во овој момент, појасни Пешевски.

Тој истакна дека понудата  на пазарот на електрична енергија во Македонија е од ограничен карактер бидејќи бројот на играчи, трговци и производители е релативно мал што го прави пазарот недоволно ефикасен.

– Затоа паралелно работиме на стратегија за поквалитетно стартување на берза на електрична енергија која ќе овозможи поголем број на други трговци и производители да можат да ги нудат своите услуги со што би се овозможила малку пониска цена на влезот во Македонија, а понатаму по либерализацијата тоа ќе биде амортизирано кон граѓаните, рече Пешевски.

Истакна дека е нормално трговците со електрична енергија кои ќе имаат пристап до еден поголем пазар со либерализацијата да вршат притисок  кон оние кои ќе бидат нивни клиенти во овој момент да настане либерализација, бидејќи ќе има одредено процентуално намалување на цената за нив.

– Но, директно истиот износ ќе мора да биде пренесен кај граѓаните. Токму затоа треба  да се направи баланс и определена динамика преку која фазно ќе дојдеме до почитување на директивите, истакна Пешевски.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов