Пелагониските земјоделци покажаа забележителен интерес за процесот на арондација на земјоделско земјиште кој завршува на 27 ноември.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека на два денa пред истекот на рокот, евидентирани се 52 барања од земјоделци кои користат земјиште во државна сопственост, а го добиле во постапка на арондација. Со поднесените барања земјоделците потврдуваат дека имаат намера да ги регулираат имотно-правните односи и да склучат договор за размена, потврдуваат од Подрачната единица на МЗШВ со седиште во Битола.
– Како што е познато, со одлука на Владата на Република Македонија на земјоделците им се овозможува да го решат проблемот кој долги години се провлекувал, а причина биле незавршените постапки на арондација. Со измените во Законот за земјоделско земјиште им се овозможува на земјоделците кои обработуваат земјиште најмалку 20 години да се стекнат со доказ за сопственост на парцелите, истакна Илија Србиновски, раководител на Подрачната единици.
Поднесувањето на барања за арондација ќе се врши уште два дена, а секој заинтересиран земјоделец треба да приложи изјава заверена на нотар со која потврдува дека 20 години непречено и непрекинато го владее земјоделското земјиште во државна сопственост кое му е доделено во постапка на арондација, имотен лист кој претставува доказ за сопственост на земјоделското земјиште кое на владение го отстапил во постапка за арондација и геодетски елаборат.
– Со поднесувањето на геодетскиот елаборат ќе се воочат границите и површините на земјоделското земјиште кое е предмет на размена, и затоа потребно е секој барател да поднесе комплетна документација и да го запази рокот, а потоа нашите стручни екипи во соодветна постапка ќе го информираат за текот на процесот на арондација, ќе извршат теренски увид, а потоа и склучување на Договор за размена, потврди Србиновски.