Производството во „Фени“ престана минатата година во септември кога единствената производна линија што работеше беше ставена на минимум колку да се одржува топла, а 850-те вработени сè уште се во неизвесност.
Од септември минатата година масовно почнавме да добиваме информации од вработените дека компанијата е пред банкрот, а сопствениците заговараат продажба на бугарски „Енекод“, кој треба само да послужи како параван за елегантен излез на дотогашните сопственици, без да понесат никаква одговорност за пропаста на фабриката. Ваквите тврдења вработените вчера ги поткрепија и со аудиоснимка, на која претседателот на Синдикатот сè уште лобира за бугарската фирма, објави „Макфакс“.
За „Фени“ е познато дека се приватизира во 2000 година од страна на француската компанија СЦММ, која во 2005 година ја продава на новите сопственици ИМР и БСГР, кои имаат еднакви удели во сопственоста на „Фени“. Токму во периодот од 2005 до 2015 година „Фени“ го доживува својот најголем раст и развој, а производството прогресира од дотогашните 5.000 до 20.000 тони никел годишно. Во тој период фабриката станува најголем извозник во Македонија, секогаш на врвот на најуспешните компании, најдобар работодавец со плати повисоки и до 40 отсто од просечните во Македонија, прва компанија со еколошка дозвола, компанија со признание од УЈП како даночен обврзик, признанија од Царинската управа, како и многубројни награди за општествена одговорност и сертификати за стандардизација.
Во меѓувреме компанијата се шири и на меѓународно ниво, во 2007 година ја купува и фабриката за никел во Косово, со што официјално се формира Групацијата „Кунико рисорсис“, а земајќи ги предвид ограничените количини руда во Македонија и регионот, групацијата купува и два рудника во Гватемала како гарант за обезбедување на иднината на долг рок.
Миракхмедов од менаџер на магацин назначен за генерален директор
Во 2015 година, која е и кризна година за пазарот на никел, акционерите ИМР и БСГР не наоѓајќи заеднички јазик за иднината на компанијата, на која ѝ треба финансиска помош, несогласувањето го решаваат по судски пат во Холандија, каде што е регистрирана Групацијата „Кунико“. Судот одлучува во корист на ИМР (International Mineral Resources), која тогаш понудува 66,5 милиони долари за 90 отсто сопственост на Групацијата „Кунико“. По преземањето, ИМР на функцијата генерален директор го поставува Јусуф Миракхмедов, кој дотогаш бил менаџер на магацин во „Фени“, без претходно извршно раководно искуство во која било индустрија, но кој е во роднински релации со Абдулмалик Миракхмедов, кој високо котира во редовите на ИМР на меѓународно ниво, а тесно поврзан со офшор-компании на Маршалските Острови, Панама, Девствените Острови и уште многу други. Вработените велат дека несериозниот пристап кон „Фени“ го препознале уште со самото поставување на Јусуф Миракхмедов на чело на компанијата.
Во следните две години, по преземањето на „Фени“ од страна на казашкиот ИМР, а под водство на Јусуф Миракхмедов, вработените велат дека во компанијата не се вложени ниту долар од заложените 66,5 милиони долари. Напротив, се исцрпувале сите резерви на руда, репроматеријали и резервни делови што зад себе ги остава претходното раководство, а сите долгови што компанијата ги трупала во овој период со притисоци се префрлани за 2017 година за што постојат и писмени договори кога истекува важноста на гаранцијата од 66,5 милиони долари. Од таму потекнува и толеранцијата на банките кредитори на „Фени“, од каде што тврдат дека воопшто не биле информирани дека оваа сума има рок на важност и кога кон средината на 2017 година побаруваат да ги наплатат натрупаните и задоцнети долгови, откриваат дека средствата се повлечени од сметката по истекот на рокот кој бил до крајот на 2016 година.
Синдикатот не реагирал кога се раскрчмувал имотот на „Фени“
Дополнително, во 2017 година „Кунико“ противзаконски, без знаење на банките и без да пријави во македонските институции, издава залог врз акциите на „Фени“ за износ од 35 милиони долари од меѓународниот конгломерат „Трафигура“, средства што воопшто не стигнуваат на сметките на „Фени“, а за што на брифинг информираа банките и институциите. Истата година фирмата „Нова логистик“, која била основана од „Фени“ со цел да заштеди на транспортни трошоци кон фирми посредници, станува сопственост на Надица Атанасова-Кабранова, тогашната менаџерка и блиска соработничка на Миракхмедов. Ваквиот пренос на сопственост поминува без реакција на Синдикатот и претседателот Палитов, а реакција изостанува и кога дробилка за петролкокс, вредна речиси 3 милиони долари, „Фени“ ја префрла во сопственост на „Нова логистик“ и таа се изнесува од кругот на „Фени“ на други локации во Кавадарци за што вработените информираа во октомври минатата година.
Во моментот „Нова логистик“ има милионски долгови кон кавадаречките транспортери, кои во заговор со Палитов се закануваат дека ќе го блокираат евентуалното рестартирање на „Фени“ доколку претходно не им се исплатат долговите. Сопственичката Атанасова-Кабранова и покрај тоа што компанијата се давела во долгови и не ги исплаќала транспортерите, вработените за „Макфакс“ покажаа документи дека си исплаќала на свое лично име износи од 60.000 евра на име материјален трошок, износи од 10.000 евра на својот сопруг за кирија, плаќала 100.000 евра за адвокатски услуги на адвокат што истовремено го застапувал и „Фени“ и приватната компанија „Нова логистик“.
Од овие причини „Нова логистик“ е предмет на кривична истрага на УЈП и Финансиската полиција за што информира и директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, а тужба врз основа на злосторничко здружување против Атанасова-Кабранова и директорот Миракхмедов, како и против Амир Абед и Џереми Неадс, кои се обвинети за потпомагање кривични дејства, поднесе и малцинскиот акционер на „Кунико“, БСГР.
На телефонот на „Нова логитик“ никој не одговара за да даде објаснување за неисплатените долгови кон транспортерите.
Откако се разоткриваат намерите на „Кунико“ да ја напуштат државата без притоа да сносат одговорност за состојбата на фабриката, со наводна продажба на бугарски „Енекод“, чиј финансиски извештај покажува дека станува збор за компанија која, според банките, е далеку под секаква можност да преземе компанија со 60 милиони евра долг, што отвора можност кредиторите да ги активираат своите хипотеки, банките откриваат дека залогот во руда и во никел воопшто веќе не постои во фабриката. За да спречат побарувања на банките кредитори преку ликвидација, „Кунико“ го отуѓува и најголемиот рудник што го поседува – „Мајаникел“, а како што откриваат нашите извори, тој преминува во рацете на компанија што е во скриена сопственост на истите казашки сопственици.
Она на што веројатно не сметале казашките газди, како што велат нашите извори, е дека „Фени“ е премногу голем и важен субјект за македонската економија за да се дозволи негово затворање. Само неисплаќање на долговите кон банките во износ од 40 милиони евра би резултирало во дестабилизација на банкарскиот сектор, кој нашите извори тврдат дека во најмала рака може да предизвика поскапување на кредитите, односно зголемување на каматните стапки, а со тоа ќе ја разниша целокупната економија. Откако институциите започнаа детаљно да го проверуваат работењето на „Фени“ во потрага по причините што доведоа до негов стечај, поведени се многубројни кривични постапки и истраги против раководството и откриени се измами од милионски размери преку отпишување долгови, продажба на заложени материјали, двојни залози, неподнесени финансиски извештаи, отуѓување имот и добра на компанијата итн.
Соочени со ваквата реалност и кругот што сè повеќе се стеснува околу нив, нашите извори велат дека преку негативни кампањи „Кунико“ се обидува да го оттргне фокусот од себе со тоа што ги обвинуваат претходниот менаџмент, кој успешно го менаџирал комбинатот цела деценија, банките, институциите, а обвинија и владини претставници.
Од „Кунико“ никој не сака да разговара за состојбата со „Фени“. Новинарските прашања ги избегнува и правниот застапник, кој се појавува на судските рочишта. Поранешниот директор Миракхмдов, пак, лани во октомври ја напушти Македонија, а неговите правни застапници објаснија дека не избегал, туку дека е на напозната адреса и подготвен да се јави на суд.
Маја Илиевска-Пачемска