Поголемо закрепнување на економијата од последиците на пандемијата со КОВИД-19 имаа оние земји каде што имаше поголема вакцинација и каде беа развиени системите за е-трговија, порачаа претставниците на ММФ и Светска банка на денешниот панел „Макроекономските политики и јавните финансии во време на постпандемискиот период“ на Меѓународниот eкономско – финансиски форум (СЕФФ) во Скопје и додадоа дека треба да се најдат попроникливи и покреативни интервенции во економијата.
Алфред Камер, директор на европскиот сектор на ММФ посочи дека се уште треба да се одржи целната поддршка, но сега, како што кажа, политиките мора да се фокусираат на работниците и да им овозможат да преминуваат од сектор во сектор со преквалификација и поддршка.
-Имаше поголемо закрепнување на економијата онаму каде што имаше поголема вакцинација. Во Западен Балкан стапката на вакцинација е 30 отсто што е половина од ЕУ. Тоа значи дека треба да се зголеми стапката на вакцинација, рече Камер.
Тој истакна дека земјите од Западен Балкан мора да овозможат кредибилни фискални планови преку зголемување на приходите со елиминирање на преференцијалните даночни третмани, со отстранување на даночни пречки кои се наметнаа за време на пандемијата и зголемување на јавните инвестиции и зазеленувањето на економијата. Нагласи дека едно евро јавни инвестиции долгорочно ќе доведат до две до 2,5 евра.
Потсети дека 600 милијарди долари беа распределени и можат да е искористат на различни начини и да се искористат за борба против пандемијата, но транспаренто и ефективно да се искористат за одржливи политики.
-Генерално и натаму треба да продолжиме со мерки за приспособување, зашто пандемијата уште не е завршена. Монетарните политики се потребни, централните банки треба да ги земат во предвид моменталните стапки на инфлација. Важна е кредибилноста на централните банки и монетарните политики, рече Камер.
Линда ван Гелдер, регионалниот директор за Западен Балкан од Светска банка посочи дека се покажа потребата да се најдат попроникливи и покреативни интервенции во економијата.
-КОВИД ја промени структурата во нашите економии, многу работни места исчезнаа и нема да се вратат, но се појавија нови можности како е-трговијата и слични промени во синџирот на добавување. Влијаеше на вредносните синџири и на отпорноста и флексибилната на глобалните вредносни синџири што отвори нови можности за земјите во северен Балкан и пошироко. Но, без економско реструктуирање постои ризик за поголема инфлација, и подривачки трендови. Затоа се потребни целни, таргетирани фискални монетарни политики, односно нециклична поддршка се додека не дојдеме до закрепнување, рече Ван Гелдер.
Поддршката поврзана со КОВИД во Западен Балкан, како што рече, беше пониска отколку во земјите со ЕУ, освен во Србија која влезе во кризата со поголеми фискални мерки. Потребни се, како што кажа, понасочени и покреативни интервенции за да можат поефективно да се искористат ограничените фискални резерви.
-Забрзаните структурни институционални реформи се неопходни и нема друга опција. Министрите за финансии ширум светот се обидуваат да најдат начин како да се зголеми растот без да се намали фискалниот простор. Секаде каде што има простор за забрзување на структурните и институционални реформи сега е време за тоа за олеснување на транзицијата кон позелена и подигитална економија, рече Ван Гелдер.
Министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи дека во земјава и на глобално ниво се презедоа доста неконвенционални мерки како одговор на пандемијата.
-На почетокот беше тешко и презедовме пристап што и да треба да се направи да се направи, но подоцна имавме на располагање и меѓународни средства. На почетокот наголемиот предизвик се соочивме со доста несигурности имаше и локдаун, а во основа беше само да се спасат животи. Наредниот чекор беше да немаме економија која ќе ни умре во кризата и да се одржи во живот и да не биде во хибернација. Следеа мерки за заштита на работните места, па инјектирање пари во бизнис заедницата, бидејќи се соочивме со проблем во синџирот на снабдување и вредноста на побарувачката, рече Бесими.
Потрошивме, како што нагласи, 11 отсто од БДП во 2020 и во 2021. Имавме два пакети во вредност од околу една милијарда евра и во 2021 година уште околу 180 милиони евра.
-Тоа е вкупниот цех, но направивме и калкулации и проценка како влијаеше и дали и помогна на економијата. Од проценките видовме дека тоа помогна падот на БДП да биде помал за 4,5 проценти. Во 2020 година мерките не беа само итни, туку со секој нареден чекор со пакетите се обидувавме да имаме што потаргетиран пристап и во последните два пакета имаше и развојна компонента што значи не само да им се помогне на оние кои претрпуваат загуби, туку и да се мотивираат бизнисите кои креираат работни места. Економијата се опоравува и вториот квартал од годинава е во позитива и носи оптимизам исто како и сите други индикатори што покажуваат, рече Бесими.
Посочи дека е одлучено оти не треба да се запре со пакетите за поддршка кои треба да бидат потаргетирани и ориентирани кон пазарот, што е долгорочна цел, а во однос на фискалната консолидација треба да се размислува среднорочно.
-Фискалната консолидација е проблем кој треба среднорочно да го решиме, но тоа не значи дека не треба да почнеме сега и денеска. За да се реши нешто на среден рок треба планови да се направат уште сега така што паралелно со активностите за поддршка на економијата за време на ковид кризата мора да ја решаваме и фискалната консолидација. Веќе спроведуваме одредени реформи и системски реформи, рече Бесими и додаде дека се работи на страната на расходите, тековните расходи и развивање на конкретни показатели за да им биде појасно на буџетските корисници за користењето на средствата од капиталните расходи.
Најави дека ќе се воведат поиноватинвни инструменти за финансирање – зелени обврзници, развојни обврзници, проектни обврзници поврзано со конкретен проект. Тие ќе бидат достапни и за граѓаните кои имаат заштеди, а не само за големите инвеститори.
-Фискалната консолидација оди рака под рака со раст на финансирањето и раст на економијата кој ќе биде инклузивен и одржлив. Концептот е да има подобро управување со јавните инвестиции за поголема поддршка на економијата, нагласи Бесими.
Косовскиот министер за финансии Хекуран Мурати посочи дека пандемијата поразлично била третирана во Косово зашто за нејзиното времетраење се смениле три влади.
-Не можевме баш правилно да испланираме зашто се веруваше дека за две недели ќе помине се и дека ќе се изолира вирусот некако и ќе се искорени, но тоа не се случи и еве трае веќе две години. Не беше толку лошо во нашата економија како што првично се предвидуваше. Првите предвидувања беа црни, но како што почнавме да живееме со вирусот почнавме и да се справуваме. Ни требаше помош и добивме помош од ЕУ, СБ и сите меѓународни фактори што помогна управувањето со кризата да оди полесно, рече Мурати.
Ефектот, додаде, беше помал од предвиденото имаше пад на БДП од 3,9 проценти.
-Економијата изгледа дека се враќа на правиот пат, но останаа лузните и последиците. Позитивен ефект од пандемијата е што ги принуди бизнисите да бидат покреативни и да има онлајн продажба и достава, се зголеми и извозот, посочи Мурати.
Нагласи дека косовската влада се обидува со кампања за формализирање на вработеноста да помогне во надминувањето на последиците од ковид кризата.
Заменикот министер за финансии на Албанија Бесарт Кадиа посочи дека било специфично што во Албанија имало и земјотрес во исто време со пандемијата.
-Во 2020 очекувавме рецесија од 8 проценти, но имавме пад од само 4 проценти. Со мерките што се презедоа се минимизираше здравствениот ризик поради вакцинирањето, но од аспект на другите ризици не можевме да предвидиме. Сметам е дека во 2021 година не е добро веднаш да се повлече владината поддршка во економијата иако изгледаат работите одлично, рече Кадиа.
Албанија, сега, како што рече се фокусира на е-услуги и унапредување на технологијата, како и на задржувањето на младите во татковината каде можат да работат, а да даваат услуги на глобално ниво. Се реализираат институционални реформи за да може лесно да се постигне тоа.
Гувернерката на Народната Банка Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека уште од почетокот на кризата одржувале лабава монетарна политика.
-Економиите се во фаза на закрепнување. Предвидовме 5,4 раст, а според новите податоци ќе биде 5,2 што е многу блиску до прогнозите на Централната банка. Сепак се уште има ризици и поддршката на политиките е се уште потребна. Централните банки треба да внимаваат на два клучни параметра – нивото на официјални резерви што се потребни да интервенираме доколку е потребно и инфлацијата, моменталната инфлација и очекувањата за инфлација, рече Ангеловска-Бежоска.
Посочи дека земјава има двојно поголемо ниво на девизни резерви до времето на глобалната финансиска криза, што според неа, покажува дека има адекватни бафери во стратегијата.
-Имавме зголемување на инфлацијата во првите седум месеци од годинава на 2,5 проценти, а проекциите се 2,2 отсто. На среден рок очекуваме да одржиме средно висока инфлација, рече Ангеловска-Бежоска и додаде дека е многу важно да се утврди кои се причините и двигателите на инфлацијата.
Кај нас, додаде, инфлацијата не доаѓа од страна на побарувачката.
-Нашата инфлација во значителна мера е увезена со оглед на трговската отвореност и клучната улога на ЕУ како наш најголем трговски партнер за увоз и извоз на производи. Затоа е јасно дека инфлацијата расте под влијание на случувањата во ЕУ. Ова зголемување на инфлацијата се смета како привремен феномен и следната година се очекува да се намалат ефектите кога понудата и побарувачката ќе се изедначат, рече Ангеловска-Бежоска.
Сепак, додаде, постои ризик од инфлацијата особено поради големата несигурност на увозните цени на стоките и ризиците при увозот.
-Како Централна банка мора да бидеме свесни дека опкружување со бескаматни стапки може да доведе до проблем и да влијае на заштедите што е многу важно за малите економии каде домашното штедење е ниско, а потребите за инвестиции се високи… Лесните финансиски услови може да доведат до поддршка на неостварливи и несигурни бизниси и неефеикасна прераспределба на ресурсите во економиите. Затоа сме свесни за потребата со продолжување на лабави монетарни политики, но има потреба за префрлување на фокусот на структурни и трансформациски политики кои се од клучно значење за зголемување на потенцијалот за раст и подобрување на благосостојбата на населението, рече Ангеловска-Бежоска и потенцира дека перформансите на банкарскиот систем се солидни и се над предпандемиското ниво иако квалитетот на кредитното портфолио се влоши на почетокот на годинава.
Претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Тимчо Муцунски истакна дека здравствениот систем не беше подготвен како економијата за справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19.
-Земјава е на четврто место по смртност од КОВИД. Во кризата директно интервенирање е клучно и сметаме дека тука како земја потфрливме имаме најголем пад на БДП во Европа и најголема смртност, рече Муцунски.
Фокусот во наредниот период посочи дека треба да биде во доброто управување и владеење.
-Во тој сегмент имаме проблеми и тоа има негативни импликации врз економската и финансиска стабилност. Во земјата треба да се создадат стабилни политики со добро владеење, а кога се работи за финансиските и економските политики треба да се фокусираме на политики што ќе креираат раст, односно јавни капитални трошења. Треба се повеќе да зборуваме за зелена економија, за инвестиции во истражување и развој и да почнеме да создаваме мерки кон градење на довербата на инвеститорите и општо доверба во системот, рече Муцунски и додаде дека треба да има таргетирани мерки на сектори, а не на бизниси.