Не смееме да испуштиме ниту едно евро од ИПА средствата, парите треба да ги искористиме за европеизација на државата, а процесот мора да биде транспарентен во целост, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Тој најави изготвување мастер план од типот 3-6-9 кој ќе ги дефинира слабостите и причините за досегашната неискористеност на средствата, но и ќе предвиди мерки за максимално повлекување на европските пари.
Настојувањата на Владата се, нагласи, од актуелната ИПА2 Програма да се повлечат најмалку 90 отсто и тие да се реализираат во реформи за приближува на земјата кон ЕУ, но и во конкретни проекти за постигнување европски животен стандард.
– Заедно со невладините организации и сите други инволвирани ќинители ќе направиме добар план што ќе почнеме агресивно да го имплементираме за, до последно евро да ги ставиме во функција овие пари, кои ни се донација од ЕУ, на европскиот живот на граѓаните, рече Османи.
Јавноста, додаде, досега не беше целосно информирана за ИПА поради што приоритет ќе биде овој комплексен систем комплетно да се извади од сенка.
– Граѓаните мора да знаат дека Македонија има ретка можност да ги користи парите на граѓаните на ЕУ. Дадена ни е шанса да покажеме дека сме способни за тоа и досегашниот период беше еден вид тест за нас. Македонија е една од ретките држави на која и е дадено сама да ги троши овие пари, истакна вицепремиерот.
Информира и дека од вкупно предвидените 644 милиони евра за период од 2014-2020, засега се програмирани 445 милиони или околу 67 отсто, а се одобрени 395 милиони евра.
– Секретаријатот за европски прашања направи пресек за последните 10 години, откога е почнато искористувањето на ИПА средствата, од 2007-ма наваму. ОД ИПА1 се искористија околу 70 отсто, а останатите пари, вкупно 150 милиони евра, се вратени назад. Тоа се големи пари за Македонија кога ни е потребен секој денар за да го подобриме живтотот и да ја приближиме државата, рече Османи.
Подготвувањето на проектите и апликациите, како и одливот на кадар кој се обучува во институциите, но потоа си оди во приватниот сектор поради подобра финансиска понуда, се клучните слабости детектирани досега.
– Земјите од регионот направиле револуција во инфраструктурата, токму со пари од ИПА. Македонија мора да ги стави во функција овие средства на граѓаните на ЕУ, кои не морале нам да ни ги дадат. Мораме како држава да покажеме капацитет, дополни вицепремиерот.
Одговорајќи на новинарско прашање, Османи рече дека е можно да имало некакви злоупотреби или малверзации со ИПА средствата досега, но тоа ќе мора и официјално да се утврди.