Охридскиот аеродром втор најбрзорастечки аеродром во Европа

Од:

Охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци од годинава во категоријата под пет милиони патници годишно, соопшти ТАВ Македонија.

Ова признание за аеродромот со кој раководи „ТАВ Македонија“ доаѓа од ACI Europe (Меѓународeн совет на аеродроми за европскиот регион), кое во својот последен извештај бележи раст на бројот на патници на „Св.Апостол Павле“ во првиот квартал од 2016 година од 173,9%.

– Значителниот пораст од 173,9% на бројот на патници на „Св. Апостол Павле’’ во првиот квартал, измерен од страна на ACI, надвор од туристичката сезона во Охрид, се должи пред се на воведените нови линии минатата година од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекуваме порастот да продолжи до крајот на годината, со оглед на постоечките чартер-летови во главната туристичка сезона каде што најбројни се патниците од Холандија, но и на новата директна редовна линија Охрид-Белград, која во јуни ќе ја воведеме заедно со авиокомпанијата Ер Србија, како и новите чартер-летови – Охрид-Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа и Охрид-Брисел, со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, кои исто така ќе почнат следниот месец, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Извештајот на ACI Europe се однесува на сите цивилни патнички летови (регуларни, нискобуџетни и чартер-летови) и вклучува 206 аеродроми преку кои се одвива 88 отсто од европскиот воздушен сообраќај на патници. Според него, европскиот аеродромски сообраќај во првото тримесечје од годинава пораснал за 7,8%.

– Аеродромите во Европа постигнаа одлични резултати во поглед на патничкиот сообраќај во првиот квартал од 2016 година. Иако дополнителниот ден во февруари и Велигденските празници во март помогнаа, зголемувањето на магнитудата на сообраќајот на многу аеродроми пркосеше на економската гравитација. До одреден степен, се спротивстави и на се понеповолното геополитичко и безбедносно опкружување. Се додека овие ризици остануваат под контрола, а горивата се достапни, очекуваме позитивен исход за авиосообраќајот до крајот на годината, изјави Оливиер Јанковец, генерален директор на АCI Europe.

Фактот што аеродромите се особено фокусирани на подобрување на нивните конкурентни позиции и се борат да привлечат нов сообраќај исто така игра важна, но, според Јанковец, често занемарена улога во одржувањето на достигнатото ниво на сообраќај.

Најбрзорастечки аеродром во Европа во категоријата под 5 милиони патници годишно е воздушното пристаниште во белгискиот град Лиеж, каде што во првото тримесечје од годинава имало пораст на патници од 275,4%. Зад аеродромите во Лиеж и во Охрид, меѓу првите пет се рангирани и аеродромите во белгискиот град Остенд (136,6%), Санторини (127,1%) во Грција и Орадеа (70,7%) во Романија. Генерално, европскиот аеродромски сообраќај во оваа категорија во првиот квартал од годинава пораснал за 8,9%.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на полетувања и слетувања на двата аеродроми е зголемен за 15%.

Би можело да ве интересира

Таен прекин на летовите во дел од Русија

Тревога во пет авиони на „Делта ерлајнс“: „Никој нема да преживее“

Горан Наумовски

Ер Франс и Луфтханза ги прекинаа летовите кон Бејрут, Тел Авив и Техеран

Несреќа во Франција: Се урнаа два борбени авиони

Египет упати апел до своите авиокомпаниите: Избегнувајте го воздушниот простор на Иран утре наутро

Летовите од аеродромот во Братислава се прекинати поради предупредување за бомба