Во сите општини во Македонија од денеска целокупната постапка за издавање одобренија за градба ќе се одвива електронски. Барањето ќе се поднесува електронски и одобрението ќе се издава во електронска форма. Доколку се издаде во печатена форма тоа ќе биде ништовно. Надлежните се подготвени, администрацијата обучена.
Целокупниот процес од апликација се до издавање одобрение за градба и жалбената постапка ќе оди по електронски пат. Општините исто така електронски ќе комуницираат со своите служби во рамки на општината, како и со институциите и јавните претпријатија од кои треба да добијат соодветните согласности. Откако сите документи ќе бидат во ред по електронски пат општината ќе биде информирана дека се платени комуналиите и одобрението по електронски пат ќе биде дадено.
Постапката треба да се поедностави, да се забрза и да стане потранспарентна, бидејќи секој барател во секој момент ќе може да види кај кого е неговиот предмет. Досега според законското решение дозволата требаше да се издаде до 45 дена, а сега се очекува тоа да се скрати.
Општините ќе го користат софтверот на ЗЕЛС, а за да функционира системот треба да набават и електронски потпис.