Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави јавен оглас за давање во закуп 5.140 хектари државно земјоделско земјиште во регионите Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Кочани, Ресен, Струга.
Времетраењето на закупот е до 50 години за подигање маслинарници, до 30 години за подигање долгогодишни насад (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, до 20 години за рибници и до 15 години за одгледување други земјоделски култури и ливади.
Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. На огласот можат да аплицираат и трговци поединци, но, услов е земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност. Странските правни лица може да аплицираат ако имаат регистрирано подружници во Република Македонија.
Лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина за претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост немаат право да учествуваат на огласот, исто како и правните лица за кои е отворена стечајна постапка. Законска можност да аплицираат немаат ниту непрофитните организации.
Заинтересираните физички и правни лица со апликацијата се должни да достават и понуда за износот на годишната закупнина.
Рокот за аплицирање на јавниот оглас е 20 дена од денот на објавувањето. Потребниот образец може да се подигне во подрачните единици на Министерството.
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Министерството за земјоделство на телефон 02 313 44 77 или да ја посетат веб страницата www.mzsv.gov.mk.