Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТ) бара да го следи постапувањето по претставките за кршење на работничките права затоа што смета дека сегашните механизми се нетранспарентни и не нудат заштита и гаранции за работните места на работниците.
– Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на својот Фејсбук профил објави дека на бројот 15 131 работниците можат да се јавуваат за претставки за неисплатен к-15 и останати неправилности за работничките права. Го поддржуваме овој начин на обраќање на министерката, но работниците не веруваат дека ќе биде постапено по нивната претставка. Ретко кој од работниците има Фејсбук. Ова треба да биде потранспарентно, изјави денеска Атанас Трајковски, претседател на НСГРИТ.
Според Трајковски, решение за проблемот е да се формира координативно тело за унапредување на работничките права во кое би членувале синдикати и експерти кои би ги следеле активностите што ќе ги преземат за претставките Мнистерството за труд и социјална политика и ресорните инспекторати. Формирањето на координативното тело НСГРИТ го иницираше пред една година, но од ресорното Министерство им било одговорено дека нема правен основ.
Доколку работниците не почувствуваат апсолутна сигурност дека ќе немаат последици по нивните работни места, смета Трајковски, акцијата на министерката нема да успее.
– Затоа е потребна директна вклученост на независните синдикати кои ќе ги проследуваат претставките што ќе бидат пријавувани на телефонскиот број, ќе ги спроведуваат на терен и ќе стојат заштитнички зад работниците. Идентитетот на работникот кој пријавува неправилности со формирањето на координативното тело ќе биде со статус на заштитен сведок во евентуален судски спор, рече Трајковски.