Нови шест милиони евра во земјоделството – за млади фармери и за нови насади

Од:

Два јавни повика, за поддршка на млади земјоделци со вкупно 10.000 евра неповратни средства и за подигање нови повеќегодишни насади, објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со овие две нови мерки, како што информира МЗШВ, до крајот на годината ќе се овозможи директен трансфер на шест милиони евра кај вистинските земјоделци.

За двата повика аплицирањето е исклулчиво електронски. Барањата што нема да бидат на тој начин доставени, нема да се земат предвид.

Јавниот повик за користење финансиска поддршка за млад земјоделец е со нови, променети критериуми за аплицирање, а предвидува максимални 600.000 денари по корисник.

Крајниот рок за доставување на барањата е 29 август 2017 година.

Другиот повик, пак, се однесува на нови повеќегодишни лозови и овошни насади и повеќегодишни насади со ароматични растенија и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини, за што се планирани до 2.500.000 денари по корисник, како и на набавка на добиток од признати организации на одгледувачи од Република Македонија и од увоз, за што се проектирани до 6.500.000 денари.

Средствата се наменети за подигнати насади и набавен добиток од 1 октомври до 31 декември 2016 година и од 1 јануари до 31 август 2017 година.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Ставката на кофинансирање се зголемува во случаите кога баратели се млади земјоделци и кога инвестицијата е лоцирана во подрачја со ограничени можности и недостапни рурални заедници до висина од 75 проценти.

– Со оглед дека повикот со рок од 29 февруари воопшто не бил објавен, им излегуваме во пресрет на земјоделците кои извршиле есенско подигање на насади во 2016 годна и на оние што извршиле пролетно подигање во 2017 година. Сите тие ќе може да поднесат барање за субвенции до 1 септември, нагласува Министерството.

Пред овие два повика, објавени вчера, МЗШВ во петокот, на 4 август, соопшти дека се обезбедени и дополнителни 10 милиони евра субвенции за поледелците, овоштарите, лозарите и сточарите како поддршка за намалените приноси од поплавите и измрзнувањето.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници