Бројот на невработени лица во земјава расте од месец во месец, а тоа го покажува официјалната статистика која ја води Агенцијата за вработување.
Па така според АВРМ во месец август годинава бројот на невработени лица или активни баратели на работа бил 100.458. Во месец септември на листата невработени се додаваат 14.029 лица или вкупниот број на активни баратели се зголемува и изнесува 114.487 лица.
Според математиката на Агенцијата за вработување бројката на невработени се зголемува и за октомври. Па така според нивните податоци во десеттиот месец од годинава, бројот на невработени се зголемува за 6.254 лица и изнесува 120.741 лица.
Официјално достапните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека во месец октомври минатата година бројот на невработени изнесувал 92.799 лица а годинава заклучно со месец октомври тој број во Македонија е 120.741 лице.
Па така според АВРМ бројката на невработени кои бараат активно работа за една година се зголемила за 27.942 лица.
Директорот на Агенцијата за вработување Владо Поповски пред медиумите соопшти дека за 100 дена од функционирањето на новата Влада се вработиле 10.000 лица.
Изјавата на Владо Поповски за нови 10.000 работни позиции дадена во седиштето на владеачката ВМРО-ДПМНЕ по повод 100 дена Влада се коси со официјалните податоци на институцијата која тој ја води.
Простата математика вели дека доколку има 10.000 нови вработувања за само 100 дена од функционирањето на новата Влада, бројката на невработени лица за само еден месец споредбено за август и септември годинава нема да се зголеми за 14.000 лица.
Од 120.741 лице кое бара работа машки се 72.877 а жени 47.864 и овие припаѓаат на групата активни баратели по новата систематизација не вклучувајќи ги пасивните.
Според нивото на образование најмногу невработени има без образование или со завршено основно училиште или 46,696 лица од кои 31.956 се мажи а 14.731 се жени.
Со незавршено средно училиште а бараат работа агенцијата за вработување евидентирала 18.346 лица.
Со комплетирано средно образование работа бараат 36.249 лица, со виша школа 2.480 лица додека со завршен факултет како невработени се водат 15.992 лица.
Како невработени се евидентирани 957 магистри и 21 доктор на науки.
Министерот за финансии Зоран Ставрески во март годинава пак пред медиумите рече дека во текот на годинава очекуваат да се отворат нови 10.000 работни места, спротивно на изјавата на директорот на Агенцијата за вработување кој соопшти дека 10.000 вработувања имало во периодот за 100 дена Влада.
„Тоа покажува дека владините политики биле добри, односно биле вистински и помогнале преку ниските даноци, ослободувањето на компаниите од плаќање на данок на добивка, четирите антикризни пакети со кои што се обезбедија меѓу другото 350 милиони евра поволни креидити за малите и средни претпријатија, можноста да се водат активни политики за вработување со кои што преку самовработување и грантови се овозможија отварање на работни места и секако високиот износ на капитални инвестици од буџетот со кои што се креираше работа за градежните компании“, изјави Зоран Ставрески на 20.03.2014.
Б.С.