Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ги додели 133 договори, со вкупна вредност од над 1.2 милиони евра, поддршка во набавка на опрема за производство на малите производители на храна од неживотинско потекло.
Преку овие договори се поддржува развојот и модернизацијата на најразлични традиционални производства. Опрема за производство на маџун, разни слатка и мармалад, ладно цедено масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, путер од бадем, ајвар, сокови од калинка, јаболка, рибизла, потоа набавка на соларни сушари и машини за пакување и млин за производство на брашно, се само дел од инвестициите за кои се дава поддршка.
„Минатата година дадовме збор пред земјоделците дека оваа 2023 година, ќе биде година на нови можности во земјоделството. Тој наш збор го исполнивме. Оваа година креираме повеќе нови програми, во кои, главен фокус за поддршка ни беа малите производители на храна и пијалоци“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.
Креирани се нови програма за поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло, додека пак програмата за поддршка на малите семејни винарии, ја надоградивме со поддршка и за малите дестилерии, изјави Николовски.
„Преку овие програми обезбедуваме грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и ангажирање на стручно лице, како поддршка за малите производители на храна и малите семејни винарии, како и грант поддршка до 5.000 евра за малите дестилерии. Интересот за овие мерки, иако нови, беше голем кај земјоделците. Ваквиот голем интерес ги надмина и нашите најоптимистички очекувања, како министерство. Во таа наосока, покрај обезбедените 70 милиони денари, министерството со ребалансот на буџетот за 2023 година, обезбеди нови дополнителни, 120 милиони денари, преку кои можеме да дадеме поддршка на сите мали производители кои ги исполнуваа условите од јавните повици. Кога започнавме со креирање на овие програми за поддршка на малите производители на храна и пијалоци, пред нас си поставивме една цел, а тоа беше да се обидеме, преку оваа поддршка во следните, две до три години, да достигнеме до бројката од 2.000 регистрирани мали производители на храна. Во оваа наша цел, заедно со земјоделците, успеавме уште во првата година. Денес имаме вкупно 2508 регистиран оператор со храна од животинско и неживотнско потекло, во Агенцијата за храна и ветеринасрство. Или само во оваа година имаме нови 1540 регистрирани опрератори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани опрератори од неживотинско потекло“, истакна министерот Николовски.