Нема пари за развој на планските региони

Од:

Скратени парите за рамномерен развој на регионите. Наместо еден процент од бруто националниот производ, регионите добија по околу 50 илјади евра. Значи ли тоа дека државата полека крева раце од концептот за рамномерен развој што сама го промовираше?

Засега сите негираат, но останува фактот дека парите за оваа намена постојано се кратат.

„На првиот повик имавме 21 милион, на вториот 11 милиони, а на третиот седум милони денари. Па Вие сами проценете како се кратат средствата за развој на планските региони“, вели Драгица Здравева од Центарот за развој на Источниот плански регион.

Од Власта велат дека не се откажуваат од концептот за регионален развој, кратењето на средствата го правдаат со економската криза.

„Знаете дека во Европа има голема економска криза, што нормално се почувствува и во Македонија. Владата во согласност со тоа колку средства прибира, толку и распределува, а со ребалансот нормално и нашите средства беа скратени“, вели Сашо Лазаревски, заменик Министер за локална самоуправа.

Со тоа објаснување не се сложуваат од СДСМ. За нив кратењето на средствата за рамномерен развој е доказ дека власта повеќе се грижи за спомениците отколку за граѓаните.

„Пред ребалансот, оваа Влада одвои околу 100.000 евра за развој на Источно плански регион, а за зграда на Водовод таа иста Влада во Скопје одвои 10 милони евра, а сега уште еднаш ги крати овие средства за развој на регионот“, вели Билјана Казанџиска, пратеник од СДСМ.

Според штипскиот градоначалник, Зоран Алексов, кратењето ќе го почувствуваат само малите општини. Поголемите како Штип и онака не сметаат многу на тие пари.

„Кратењето ќе се одрази, но тоа многу повеќе ќе го почувствуваат малите општини, бидејќи и досега преку Центарот за развој на планскиот регион, наша интенција како општина Штип беше да се помагаат помалите општини“, вели Алексов.

Иако општините повеќе пати реагираа за кратењето на средствата, сега се помирија со сумите што ги добиваат од државата. Пари за вистински развој се бараат од донатори.

„ Ние како региони, и од претходниот буџет што го имавме не очекувавме многу во сферата на развојот, туку тие средства беа предвидени главно за изработка на студии, и сега со ова кратење веројатно некоја од овие студии ќе отпадне“, вели Ратко Димитровски, претседател на Советот на градоначалници во источниот регион.

Непостојаноста на средствата се одразува и во планирањето и одредувањето на приоритетите. Пред неколку месеци градоначалниците од Истокот испратија барање до Владата, да се формира Фонд во кој ќе има средства за подршка на проекти, но досега повратен одговор не добиле.

„ Нашиот регион е еден од најнеразвиените. Нашите општини, со исклучок на една или две, не се доволно моќни да направат едно претходно финансирање и кофинансирање во рамките на имплементацијата на проктите“, додава Здравева.

Наместо 70 милони евра 8-те плански региони за развој од државата добиваат трошки. Лани за ова намена биле издвоени 0,04 %. од БДП. Никој не знае и како се трошат парите на поедичнечните министерства во кои има ставки за регионален развој. Не постои анализа дали парите завршуваат кај најнеразвиените или кај најподобните.

Виолета Кожинкова

Би можело да ве интересира

Џафер и Арсовска се скараа кој е надлежен да се искоси тревата во дворот на Владата

Орце Костов

(ВИДЕО) Мицкоски: Ги поставивме контурите на рамката врз која ќе ја градиме коалицијата

Орце Костов

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина