Недоволен е интересот за органско производство кај тиквешките земјоделци, рече синоќа во Кавадарци Горан Ангеловски, извршен директор на Федерацијата на производители на органски производи во Македонија.
Нагласи дека постои одреден број на производители, но далеку од тоа што овој регион може да го понуди.
– Тиквешијата е инетересна не само за лозарството, туку и за други земјоделски култури. Има и туристички капацитети кои можат да се комбинираат со органското производство, сметам дека треба да се работи малку повеќе на тоа поле, со поддршка од општината. Се чека од Министерството какви субвенции ќе се даде. Треба да се биде активен и регионално, додаде тој.
Информираше дека органското производство станува се поатрактивна тема, се повеќе производители се вклучуваат во самото производство, иако Македонија, како што соопшти, е на самиот зачеток на овој план.
На средба со органски производители и земјоделци заинтересирани за да станат тоа, претставници на државни институции од сферата на земјоделството, тој говореше за повеќе активности поврзани со органското производство.
Се осврна на проект финансиран од Европската Унија преку ИПА ИНТЕРЕГ програмата кој е во завршна фаза и со кој се делува на едуцираноста, а зборуваше и за некои новини во оваа област.
Во рамките на проектот е направена стратегија што идентификува можности за развој на органското производство. Еден од аспектите кои ги допира стратегијата се токму традиционалните методи што се практикуваат во Македонија и се блиски до ова производство, а со мала интервенција би можеле да станат органски, да се сертифицираат без значителен трошок и значителни измени во начинот на производство.
Претседателот на Федерацијата Ѓорѓи Хаџи-Котаров кажа дека во рамките на проектот формиран е консултантски центар во Струмица. Изрази надеж дека тој центар ќе се прошири и во другите поголеми градови во државата. Таму слободно можат да се пријават сите заинтересирани, кои можат да добијат одговор на прашања поврзани со органското производство.