Не е срамота да си богат

Од:

Дојче веле – Берлин

Најбогатите еден отсто жители на Земјата наскоро ќе поседуваат половина од вкупната благосостојба и имотот на нашата планета. Дали тоа е неправедно? Не, тоа не е неправедно, смета Фабиан Шмид.

Оксфам, меѓународна хуманитарна организација за помош во развојот, предупредува на растечкиот процент на нееднаквоста: 2016 година еден отсто од светското население ќе поседува толкаво богатство колку што заедно ќе го имаат преостанатите 99 отсто жители на Земјата. Јазот меѓу сиромашните и богатите е се поголем. Со тоа се сугерира дека богатите се се побогати, а сиромашните се посиромашни.

Но, тоа не е точно. Точно е ова: богатите се се побогати, а сиромашните стануваат побогати, но не толку брзо. Никогаш порано во историјата на светот толку многу луѓе не успеале да ги надминат скромните животни околности во средниот слој како што тоа беше случај во последните 20 години. И никогаш порано од 19 век помалку луѓе не страдале од глад како денес, наспроти силниот раст на светската популација.

Само пазарното стопанство гарантира благосостојба

За критичарите на капитализмот тој крие една непријатна вистина: слободното пазарно стопанство овозможи благосостојба за сите пошироки општествени слоеви. Стопанскиот раст последните децении беше посебно силен во земјите во кои пазарот доби шанса по пропаста на социјалистичките системи за прераспределба, на исток на Европа и во Азија.

Одржлив беше таму каде се одомаќинија слободата и демократијата и таму каде што е овозможен пристап до образованието. Борбата против сиромаштијата не успева секаде каде корумпираните и тоталитарните режими ги ставаат парите во сопствени џебови и во корен го сечат секој обид за иновации, без кои не е можен напредок.

До темел е погрешна замислата за тоа дека богаташите пливаат во луксуз на сметка на општеството. Дури и ако некои супербогаташи се расфрлуваат со своите пари за купување на луксузни добра, тоа е во корист на сите: од секоја произведена суперјахта и секој луксузен автомобил зависат стотици работни места.

Изумите кои премиерно се проверуваат во секторот за скапоцени производи, подоцна се применуваат и во масовното производство. Од секој луксузен одмор и секоја луксузна марка зависат цели стопански гранки.

Богаташите и големото богатство

Освен тоа, многу богаташи своето богатство воопшто не го презентираат отворено во јавноста. Една причина за тоа е што богатството никогаш не било толку бескорисно како денес. Брзиот технолошки развој им овозможи на широките општествени слоеви пристап до стоки и услуги кои до пред неколку децении беа достапно само за богатите.

Денес и обичните работници од индустриските земји во развој можат да си дозволат да патуваат со авион. Тие комуницираат со исти паметни телефони и компјутери, како и мултимилионерите. И имаат исто така пристап до најмодерната медицина.

Но, тогаш што тие еден отсто најбогати жители на Земјата прават со сите тие пари кои ги поседуваат? Па тоа е јасно: ги инвестираат и ги множат. И тоа повторно за доброто на сите луѓе.

Би можело да ве интересира

Најбогатите луѓе по победата на Трамп побогати за уште 64 милијарди долари

Најбогатиот човек на светот има имот од 233 милијарди долари

Најбогатиот човек на светот изгуби над 10 милијарди евра за еден ден

Ана Ололовска

Некогаш ѕвезда на Арсенал, а сега милијардер: Дури 30 пати е побогат од Кристијано Роналдо

Маск повторно е најбогатиот човек на светот

Ана Ололовска

Илон Маск симнат од тронот, најбогат човек на светот сега е Бернард Арно

Ана Ололовска