НБРМ: Во 2013 година задржана финансисакта стабилност

Од:

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија за 2013 година, при што констатира задржување на финансиската стабилност и во 2013 година.

Како што се наведува во соопштението од Народната банка на Република Македонија, банкарскиот систем и натаму го сочинува најголемиот дел од финансискиот сектор. Слабата поврзаност меѓу банкарскиот систем и останатите сегменти, капитално финансираното пензиско осигурување, осигурителниот сектор, лизингот и инвестициските фондови се причина за минимизирање на можноста за прелевање на ризиците од еден сегмент во друг.

Советот смета дека и покрај закрепнувањето на домашната економска активност, поради умереното закрепнување на банкарскиот систем во евро-зоната, банкарските групации присутни во Република Македонија и во 2013 година применуваа претпазливи политики при кредитирањето. Исто така, како резултат на последиците од глобалната економска и финансиска криза, во првите шест месеци од годината квалитетот на кредитното портфолио продолжи да се намалува, што се огледа преку високиот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор. Во втората половина на годината, поттикнати од трендот на закрепнување на домашната економија, дел од банките направија засилени напори за поголема наплата на нефункционалните побарувања, како и преструктурирања на побарувањата од оние клиенти за кои оцениле дека е потребно целисходно приспособување на кредитните услови кон нивната моментална финансиска состојба. Овие активности, заедно со поголемата кредитна активност на банките кон корпоративниот сектор, придонесоа на крајот од 2013 година стапката на нефункционални кредити да биде на најниско ниво за целата година, со исклучок на јануари, и да изнесува 11,5 проценти.

Стабилната и висока ликвидност останува еден од основните столбови на банкарскиот систем, при што ликвидните средства продолжуваат да растат и во континуитет покриваат речиси 60 отсто од депозитите на домаќинствата кај банките. Покрај ликвидноста, за зацврстување на финансиската стабилност придонесува и високата солвентност на банките, при што на 31 декември 2013 година стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем и понатаму е двојно повисока од законски пропишаниот минимум и изнесува 16,8 отсто.

Советот констатира дека профитабилноста е видно подобрена во однос на 2012 година, главно поради растот на нето каматниот приход, кој, пак, произлезе од падот на расходите за камати. Одржувањето поволна нето каматна маргина, според Советот на НБРМ,  претставува битен предизвик за банките во наредниот период, во услови на значително намален простор за натамошно спуштање на каматните стапки на депозитите и се уште присутните ризици од оштетувања во кредитното портфолио.

На денешната седница Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите за издавање ковани пари за колекционерски цели, а по претходно  донесените одлуки за издавање, како и одлуки за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Лав“ и „Девица“, ја усвои и Одлуката за издавање кована пара за колекционерски цели „Вага“ и „Скорпија“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованите пари „Вага“и „Скорпија“ ќе бидат во апоени од 10 денари. 

Би можело да ве интересира

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

Надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра во последните три месеци од 2023 година

Орце Костов

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво